Заедно за иднина, приклучи се – со оваа порака ВМРО-ДПМНЕ од 1 септември започнува голема кампања за ажурирање на постојното членство и за отворање на партијата за нови членови, најави пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПММЕ, Драган Ковачки.
– Во следниве три месеци, до 30 ноември, сакаме да направиме уште еден голем чекор во развојот на ВМРО-ДПМНЕ, да изградиме посовремена, поорганизирана и уште посилна политичка организација, подготвена за иднината. ВМРО-ДПМНЕ има повеќедецениска историја, силна организација и огромно членство. Нашата сила се луѓето. Луѓето кои со децении се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Луѓето кои верувале кога било тешко, кои работеле, се бореле и придонесувале. Но, и новите генерации кои денес имаат знаење, идеи, енергија и желба да бидат дел од создавањето на иднината на Македонија – рече Ковачки.
Затоа нашата порака е едноставна, додаде тој, обнови го членството, биди активен и биди дел од иднината.
– Од 1 септември до 30 ноември секој постоечки член ќе може да ги потврди или ажурира своите податоци. Истовремено, ги отвораме вратите на ВМРО-ДПМНЕ за секој граѓанин кој ја прифаќа нашата програма и сака да ни се приклучи. Без препорака. Без некој да мора да ве воведе. Ако имаш идеја – има место за тебе. Ако имаш знаење – има место за тебе. Ако имаш енергија и сакаш да придонесеш – има место за тебе. Твоето место е со нас. ВМРО-ДПМНЕ е отворено за нови знаења, нови вештини и нова енергија. Сакаме да го зачуваме тоа што сме го изградиле и сакаме да го надградиме – рече Ковачки.
И затоа правиме уште еден важен исчекор, додаде тој.
– За првпат во Македонија една политичка партија воведува целосно дигитален процес на зачленување и ажурирање на членството. Нашата партиска ИТ комисија изработи веб-апликација која веќе е ставена во функција во општинските комитети, а мобилната верзија е доставена до Google и до Apple и после нејзиното одобрување ќе биде достапна и на мобилните телефони, за што доплонително ќе ја известиме јавноста. Тоа значи пријавата, верификацијата, прифаќањето на Статутот и потврдата за членството ќе можат да се завршат дигитално, од телефон, за само неколку минути – рече тој.
Тоа е ВМРО-ДПМНЕ кое се менува со времето, кое ги користи новите технологии и кое гради модерна организација за новите генерации, додаде Ковачки.
– Но, никого не оставаме зад себе. Дигитализацијата е дополнителна можност, а не замена за досегашниот начин. Секој што сака лично да го ажурира своето членство или да се зачлени ќе може тоа да го направи во општинските комитети. Од 1 септември до 30 ноември, секој ден од 17 до 20 часот, нашите општински комитети ќе бидат отворени за членовите и за сите граѓани кои сакаат да ни се приклучат – информира Ковачки.
Личните податоци, како и досега, ќе се обработуваат согласно Законот за заштита на личните податоци, појасни Ковачки.
– Во ВМРО-ДПМНЕ ги поврзуваме искуството и традицијата со новата енергија. Ги обединуваме луѓето кои со децении се дел од ВМРО-ДПМНЕ со оние кои денес за првпат сакаат активно да придонесат. Затоа ги повикувам нашите членови: ажурирајте го своето членство. А до сите оние кои досега не биле дел од ВМРО-ДПМНЕ, а веруваат дека можат да придонесат за посилна и поуспешна Македонија, нашата порака е: Твоето место е со нас. Заедно сме посилни. Заедно одиме напред. Заедно за иднина – Приклучи се! За ВМРО-ДПМНЕ. За Македонија – повика генералниот секретар Драган Ковачки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата