Учебната година утре ќе ја почнат 238 илјади ученици, од кои 174 илјади основци и 64 илјади средношколци. Пристигнати се податоци за 14 952 запишани првачиња и 16 932 ученика во прва година средно, за кои конечните бројки ќе ги имаме наскоро, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На прес-конференција во пресрет на 1 септември Јаневска им посака успех на сите ученици, наставници и стручни соработници.
- Оптимизирана е училишната мрежа и во голем број училишта условите се значително подобрени. Обезбедени се учебници за сите, а за учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се најмногу образовни асистенти досега - 1358 во основно и 166 во средно образование. истакна Јаневска.
Од вкупно 1023 (централни и подрачни), во 620 училишни објекти ќе има едносменска настава. Јаневска рече дека тоа е концепт што обезбедува повеќе придобивки, а најважни се интересите на децата – поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување на училиште доволно за да се совлада целиот материјал и да се стекнат соодветни вештини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата