„Според информациите добиени од експертските тимови кои работат на терен, се очекува граѓаните на Гостивар кон крајот на оваа недела да добијат техничка вода, а кон крајот на следната седмица и вода за пиење“, вели директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Таа информира дека ИЈЗ во изминатите денови два пати има излезено на терен во Гостивар за да се земат примероци од водата. Првите примероци се земени минатиот четврток во попладневните часови, а вторите во понеделникот попладне.
„Првиот пат земавме примероци од четири места, а вториот пат од двете места. Тие места се претежно јавни површини. Резултатите се различни за секое место поединечно. Имаме место каде што има отстапување од микробиолошки параметри, отстапувања од параметрите за резидуален хлор. Она што е добро за овие анализи е тоа што физичко-хемиската анализа во овие примероци е во моментот исправна. Во некои од примероците има присуство на колиформни бактерии, се забележуваат мезофилни аероби. Има примероци кои немаат микробиолошки неисправност, но имаат неисправност во однос на резидуалниот хлор“, рече Андоновска.
Како што нагласи таа, овие резултати, според правилниците по кои работат ИЈЗ и АХВ, значат дека водата во овие места е неисправна за консумирање.
Прашана кој е надлежен за вакви анализи, Андоновска посочи дека ИЈЗ нема обврска да врши контрола на водата.
„Нема правилник, закон, по кој ние имаме обврска да вршиме мониторинг на водата. Тоа го има друга институција. Ние имаме современи лаборатории, простор, опрема и кадар да вршиме испитување на вода, храна, одредени предмети, но немаме обврска за мониторинг. Можеме да правиме испитување на водата само кога ќе бидеме повикани од соодветен инспектор тоа да го направиме. Самоиницијативно, тоа не можеме да го направиме. Можеме да направиме испитување доколку бидеме повикани од инспектор во одредени места кои ќе ни бидат посочени или самото јавно претпријатие да побара од нас“, вели директорката на ИЈЗ.
Андоновска посочи дека јавните комунални претпријатија имаат обврска да прават анализи, но самите решаваат која институција ќе ја ангажираат да го спроведе испитувањето.
Конкретно за Гостивар, Андоновска истакна дека ИЈЗ минатата година има направено една анализа и една оваа година на едно мерно место.
„Во анализа направена во 2025-та имале неисправни резултати. Таа што ја направиле кај нас во институтот била неисправна анализа. Имаме податоци, но во моментот не располагам со тие податоци. Била неисправна во одредени параметри. Кога добиваме неисправна анализа ја информираме самата институција која барала испитување и АХВ дека сме нашле една неисправна анализа. Тоа не значи дека ние даваме забрана дека таа вода не е за пиење. Ние велиме дека во овој примерок што стигнал до нас водата има нешто, а вие понатаму проверете дали е исправна или не и само во тоа мерно место или воопшто низ целото место“, изјави Андоновска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата