Колку што ни е нам познато, од 2012 до 2025 година не е извршена инспекциска контрола во дискотеката „Пулс“ од страна на инспектор за противпожарна заштита. Вака денеска одговори вештото лице Викторија Будимовска Секуловска во судницата во Идризово, каде продолжи судската расправа за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.
Денешната расправа продолжи со доказна постапка, со вкрстени прашања од страна на одбраната, спрема вештите лица. Одговарајќи на прашања, Будимовска Секуловска одговори дека со вештачењето, утврдила дека во внатрешноста на објектот, бил истакнат само еден план за евакуација. Главната влезно-излезна врата не била противпожарна.
- Сè што спаѓа во противпожарна врата, значи паник-рачка и кочење во систем за кочење во отворена положба и самата огноотпорност на вратата, сето тоа не е исполнето на таа врата - одговори таа на едно од прашањата.
На прашања одговараше и вештото лице Маријана Лазаревска, која во претходен исказ направи детална елаборација на сите изведени зафати во критичниот објект, а како што кажа, во функција на негова пренамена.
- Иако беше повторувано дека не е наше да утврдуваме причина за пожар, меѓутоа можам да го споделам мојот личен став во однос на тоа, дека ценевме иницијалниот извор на пожарот да се прскалките. Меѓутоа, можноста да се запали нешто во конкретниот случај, во конкретниот објект, припаѓа на сунѓерот. Значи, тука имаме директна поврзаност - истакна таа во судницата.
Според неа, тоа е нешто што му помага да се прошири, да гори, прво да се запали, па да гори, да се рашири пожарот.
- Иако зборував и јас и колегите, пожарот е една непогода којашто е вклучена во нашите пресметки, проектантски и анализи. Пожарот е непогода којашто не можеме да предвидиме кога ќе се случи, од кои причини ќе се случи, меѓутоа кога се проектира, работиме со третман дека сигурно во објектот има пожар. Не навлегуваме во причината, не можеме да влијаеме на причините, барем не секогаш. Затоа и мојот коментар е во тој контекст - дека ние го проектираме објектот да биде безбеден во услови на пожар, исто како што треба да биде безбеден во услови на земјотрес итн - подвлече Лазаревска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата