Суша е. Сува земја, пресушени реки, суши-лаже кој кај ќе стигне за да се промовира себеси. А лагата денес, информација се нарекува. Каде и да се свртиш, таа пристигнува, ти се закачува, инсистира да се облечеш во нејзината нарација. И што да правиш, по ѓаволите, со неа, кога досадна е со својата неподнослива леснотија при манипулирање со стварноста. Но, од стварноста, велат, не се бега, па те убедуваат, прифати ја, за да бидеш во тек со времето, ама текот на времето како река пресушена и мене тогаш ми доаѓа да се скријам во просторот што јас го нарекувам илузија, оти илузијата наречена креативна состојба ми се гледа постварна и побезбедна од реалноста.
Затоа пишувам. Не, оти сум многу паметен, со план и намера да ве просветлам, не, никако, само надвор од создавањето уметност, по улиците и низ мрежите, има премногу просветлени, па се плашам, од толкав квантитет без квалитет на формата исчистена од суштина – да не ослепам, не со очите, туку со душата – поради хистерично вообразената ароганција на плиткоумноста која на простодушноста ѝ се потсмева – ете затоа пишувам, илузија соѕидана од зборови, сеедно што никој веќе не чита ништо повеќе од бескорисни совети на инфлуенсери, банални постови за себепромоција на исчашени светогледи и новинарски наслови спакувани во сензациналистичка пропаганда за голтачи на будалаштини, ама промовирани како факти и докази.
Одвреме-навреме ми се случува да ме сопрат на улица со прашање што секогаш ги надминува капацитетите на мојата духовна состојба, а гласи – што понатаму(?) – и мене ни на крај памет не ми паѓа да изигрувам животен учител, туку веднаш ја кажувам наједноставната вистина – понатаму, фиксна и неодминлива е само смртта, телесната смрт која се смешка знаејќи дека стои на патот, секому на различна оддалеченост, ама нејзината прегратка не се заобиколува, многу поважно е што сме направиле дотука и што сме наумиле да правиме оттука, но само во однос на душата, сеедно што сместувањето на газот во фотелјата на комфорноста стана врвен дострел за речиси секоја индивидуа која заборави дека е битие, претворајќи се во продукт од рафтовите на продавниците каде што профитира префриганата моќ продавајќи ѝ ветер и магла на алчноста аздисана по удобноста на ниските страсти за поседување привремени задоволства.
Обрнав малку внимание на американскиот конгрес каде што онаа вештачка интелигенција програмирана за манипулација која егзистира зад титулата и презимето, доктор Фаучи, требаше да даде одговори на прашања за ковид-кризата – социјален експеримент на изопачената моќ што се обиде и успеа во намерата, со троа посеан страв и контролирана паника, со брза адаптација на законите во дискриминација, да затвори во карантин две третини од популацијата среде четири ѕида на лажната безбедност премачкани со стравот од смртта, па уште да им напика хистерична омраза спрема оние бележени како непослушни кои одбиваа да ја следат догмата на безумноста и се сетив на една личност која во екот на експериментот, од позиција на вообразена ароганција без суштинска поткрепа, порача на мрежата, парафразирам – конечно ние паметните убави луѓенца ќе дишеме чист воздух во кафулињата и моловите каде што им е забранет влез на невакцинираните лудаци – за денес, само неколку години подоцна, откако излезе дека тие невакцинирани лудаци не биле толку луди и забегани, туку со право не ја проголтале мамката на фарсата, истата таа личност од позиција на згрозеност, повторно со доза страв за личната здравствена безбедност, да бара одговорност, казна, ама и линч за оние на чија страна беше застаната и воопшто не е грев некој да биде прелажан и изманипулиран, тоа секому може да се случи, прашање е – зошто мнозинството најчесто избира да биде обвинител, џелат и судија во служба на оние кои и самите нив ги манипулираат?
Одговорот на тоа прашање, едноставен е – така било отсекогаш.
Човекот е продукт со полни џебови камења, секогаш спремен да ги каменува туѓите гревови, а со ампутирана способност да ги забележува сопствените. Како таков, удобно и безбедно се чувствува во прегратките на толпата која сега, јавност се нарекува. Денес, кога се кршат копја околу бесмислени теми за трансродова идеологија – што и да значи оваа смешна кованица – никој не сака да забележи, оти така е полесно да се битисува, дека овие трансродови лица се на ниво на статистичка грешка во однос на личносните трансформери кои во име на личната удобност скриена зад флоскули за повисоки цели, менуваат светогледи и идентитети како нечисти чорапи засмрдени од носење на сопствените стапала при постојан обид да се оди во туѓи чевли.
Личносните трансформери милуваат да се китат со филозофски перја, па така, нивните трансформации, на нас глупавите, ни ги објаснуваат како пат за потрага по самиот себе до пронаоѓање на најдобрата своја верзија. И демек ако вака го срочат, нас, непросветлените, кои сè уште веруваме дека волкот го менува крзното, ама не и карактерот, веднаш ќе ни зазвучат како животни учители на чии светогледи треба да се восхитуваме. Затоа, честопати го добивам прашањето – е па ај, ако не, никогаш да не смениме мислење, да не се надградуваме? Така е, тие што му се восхитуваа на Оној што им ги лечеше болестите на умот, душата и телото, по само еден збор на моќта сменија мислење и со злорадост тргнаа да го распнат, патем ругајќи Му се.
Не им се мешам во надградувањето, секој има право на нов фушерај и промена на фасадите околу темелите во песок подигнати, ама јас носам малку поинакви искуства од кои извлекувам свои заклучоци кога се во прашање личносните трансформери, оти се родив во време кога беше мода верувањето во Христовата наука да се третира за психичка аномалија, ама затоа сите се расфрлаа со братство и единство кое, види чудо, трансформериве го претворија во крвава кланица. Истовремено, догматичарите на едноумието од комунисти станаа врвни демократи, да си помисли човек дека од раѓање биле будени и заспивани во колепката на демократијата. И не само тоа.
Наеднаш, свитканиот ‘рбет пред Белград го замени коленичење пред Брисел и Вашингтон. Дури и србоманите станаа бугараши накитени со флоскули за европски вредности. Самопрогласената авангарда, инаку интелектуална бижутерија, прејде во НАТО-фундаментализам и промотор на милитаризација, за денеска, одеднаш, оние што знаеја дека грантовите, а не името, им ги плаќаат сметките и удобноста на газот во песокот на грчките плажи, се трансформираа во патриоти од тастатурите, стејџовите и насловите на медиумите. И не само кај нас, туку секаде. Колонизаторите им продаваат права на мигрантите. Расистите од колибата на чичко Том, преку травестија на политиката, па сè до Холивуд, сега промовираат диверсити и воук-идеологија. Довчерашните екологисти и миротворци сакаат војна со Русија. Сè е до маркетингот и парите, затоа и човекот сè помалку е битие, а сè повеќе наликува на продукт секогаш спремен за ребрендирање.
Александар Русјаков
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата