logo
logo
logo

ИЗГОРЕНИ АВТОМОБИЛИ, ЗАТВОРЕНИ ПЛАЖИ И УЛИЦИ ПРЕПОЛНИ СО ОТПАД - Фнидек во хаос по мигрантскиот бран кон Сеута

Vecer | 04.08.2026

ИЗГОРЕНИ АВТОМОБИЛИ, ЗАТВОРЕНИ ПЛАЖИ И УЛИЦИ ПРЕПОЛНИ СО ОТПАД - Фнидек во хаос по мигрантскиот бран кон Сеута

Фидек е под засилени безбедносни мерки откако масовно движење на мигранти кон шпанската енклава Сеута го наруши мирот во ова крајбрежно место. Плажите се затворени со бариери, а вооружени марокански полицајци се распоредени низ градот и по околни карпи во обид да го контролираат подрачјето. 

Сирените на амбулантните возила, полициските свирежи, вревата на многубројните млади мажи и смрдеата на измет и на изгорени автомобили – сето тоа доминира со сликата во Фнидек, соседниот град на Сеута на северноафриканскиот брег, пишува АРД.

Фнидек вообичаено е мирно приморско одморалиште со поглед кон Сеута, шпанскиот град кон кој минатата недела се упатија десетици илјади мигранти. Денес Фнидек е град во вонредна состојба: плажите се оградени со бариери, а вооружени припадници на мароканската национална полиција се распоредени на секој агол и на секоја карпа.

Сонот за живот во Европа

Полицаец му наредува на 25-годишниот Хамза да се оддалечи од плажата. Но, младиот човек од Тангер воопшто не сака да го напушти градот. За него, Фнидек и натаму претставува отскочна штица кон подобар живот. Вели дека во саботата повторно се обидел да преплива до Сеута.

– Се обидов повторно, но кога пристигнав, ме тепаа шпанските војници, а потоа и мароканските полицајци – раскажува Хамза.

Тој тврди дека го принудиле да се врати назад пливајќи. Неговите искинати панталони напладне сè уште се мокри, телефонот го изгубил во морето, а колената и лактите му се изгребани. Сепак, Хамза вели дека повторно ќе се обидува да стигне до Сеута, и покрај пловечките бариери, оградите и засилените контроли.

Заработката од работата во текстилната индустрија, вели тој, е смешно мала, а негов сон е животот во Европа.

– Станува сè потешко, и за оние што веќе стигнале до Сеута и за нас што сме сè уште тука. Полицијата сака да го напуштиме Фнидек, сакаат да го испразнат градот за воопшто да не можеме да тргнеме кон Сеута – вели Хамза.

„Со нас постапуваа како со улични мачки“

Некои од младите мажи раскажуваат дека полицијата ги бркала, им се заканувала со мечеви и дека никој не сакал да им продаде храна, поради што гладувале. Стотици, ако не и илјадници луѓе, се искачуваат по карпите зад граничната ограда зајакната со НАТО-жица.

Сите тие се враќаат од Сеута, на местото од каде што тргнале и каде што на плажата сè уште лежи облеката на оние што се обиделе да препливаат до шпанската територија. Многумина загинаа, а бројот на жртвите би можел дополнително да се зголеми кога морето ќе ги исфрли телата на исчезнатите.

Младата Хажине од Фес е среќна што останала жива. Вели дека никогаш повеќе нема да се обиде да го повтори истото и дека морала да спие на улица. Дваесет и едногодишната студентка со мопед патувала од Фес до Фнидек, а потоа запливала кон Сеута.

Таму ги сретнала својот вујко и сестра си, кои заедно со толпата ја преминале границата пеш. Сите поверувале во приказната што се ширела на социјалните мрежи дека Сеута е отворена за сите.

Хажине плаче додека раскажува. Како и многумина тој ден, делува трауматизирано, како човек што преживеал природна катастрофа.

– Се вратив затоа што со нас постапуваа како со улични мачки. Немаше што да се јаде, а сите продавници беа затворени – вели таа.

Сега малкуте места под сенка во Фнидек се преполни со големи групи, претежно млади мажи, исцрпени и честопати очајни. И тука тешко доаѓаат до храна, дури и кога имаат пари.

Многу кафулиња и ресторани се забарикадирани, наводно поради страв од грабежи од гладната толпа. Другите локали строго контролираат кого пуштаат внатре и ги одбиваат младите мажи. Во секој случај, не можат да им понудат многу повеќе од едно еспресо, бидејќи и дел од персоналот заминал кон Сеута и сè уште не се вратил на работа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk