Што се случува? НОВ ЗАСТОЈ ВО СУДЕЊЕТО ЗА „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“

Vecer | 06.11.2026

Што се случува? НОВ ЗАСТОЈ ВО СУДЕЊЕТО ЗА „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Судското рочиште за предметот „Државна лотарија“, кое требаше да се одржи денеска во Основниот кривичен суд Скопје, е одложено. Следното рочиште е закажано за 11 ноември.

Во предметот обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.

Последното рочиште се одржа на 30 октомври кога сведочеше Андреј Крстевски, советник за имплементирање проекти во АД „Државна лотарија“, кој претходно бил член на Управниот и Надзорниот одбор, како и заменик-директор на претпријатието. Тој сведочеше за начинот на донесување одлуки во претпријатието и постапката за набавка на ВЛТ-терминалите.

Одговарајќи на прашања на Обвинителството во врска со набавката на ВЛТ-терминалите, сведокот изјави дека за идејата бил информиран лично од Бајрами и додаде дека за спроведената постапка дознал непосредно по нејзиното завршување од лица што биле членови на комисии задолжени за спроведување на постапките.

Во меѓувреме, на 3 ноември Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја укина мерката притвор за Бајрами и прифати гаранција во недвижен имот во вредност од 1.140.781 евро. Покрај гаранцијата, определени му се и мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и редовно јавување во судот.

Покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk