Заштеда од повеќе од 1,3 милиони евра народни пари и директна помош за подобрување на комуналната хигиена во Скопје и сите останати општини низ државата беа главен фокус на обраќањето на министерот за транспорт Александар Николоски, за време на промоцијата на новите комунални возила.
Николоски откри дека целиот проект е плод на интензивни разговори и блиска соработка со меѓународните партнери, во момент кога главниот град се соочуваше со сериозни проблеми во управувањето со отпадот.
„Последните два повика беа исклучително добро направени, но имавме заштеда на средства, во тој момент беа 5,5 милиони евра. Се сретнавме со директорката на Светска банка и со нејзиниот тим, се сеќавате, претходната година, што се случуваше во Скопје со поранешниот градоначалник на градот и во едни такви услови разговаравме како е најдобро да се помогне и на Градот Скопје и на останатите општини. Идејата дојде дека можеби овие возила, коишто се денес зад нас реалност, се најдобриот начин да се помогне“, истакна Николоски.
Министерот подвлече дека за разлика од минатите практики, овој пат преку целосно транспарентна и отворена постапка, предвидениот буџет за набавка бил значително намален.
„Влеговме во процесот и повторно направивме заштеда. Проценетата вредност беше 5,5 милиони евра, а вкупната вредност на оваа набавка е 4,2 милиони евра. Што значи дека низ еден транспарентен, отворен процес успеавме да ја завршиме набавката, но и повторно да заштедиме средства“, посочи министерот Николоски, упатувајќи јавна благодарност за поддршката до Светска банка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата