- Иднината на пензиите и на пензискиот систем се најдоа во фокусот на јавноста и кај граѓаните. Сосема очекувано темата предизвика одредена нервоза за можни проблеми поврзани со исплатата на пензиите, сега или во иднина. Вие сте на чело на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) и ги имате сите потребни информации. За почеток да го расчистиме ширењето на гласовите. Има ли некаков ризик поврзан со сегашната тековна исплата на пензиите?
Н. Мемов: Последниов период навистина пензискиот систем е во фокусот на јавноста и различните коментари од различни страни на експерти и на аналитичари придонесувааат за различна информираност на граѓаните.
Битно е да се знае дека менаџментот на Фондот на ПИОМ има изградено јасна визија и анализа со детектирани слабости и аномалии во пензискиот систем кои треба да бидат предмет на реформа на пензискиот систем во иднина.
Сите препораки од релевантните финансиски институции и партнери на државава, ММФ и Светска банка, укажуваат на потребата од реформа на пензискиот систем во Македонија имајќи ја предвид долгорочната финансиска стабилност на пензискиот систем. Ние сме свесни за таа потреба и затоа ги правиме сите овие длабински анализи на структурата на пензискиот систем.
Анализата на стручните служби и на Актуарското одделение во ПИОМ укажуваат на заеднички структурен проблем во пензискиот систем.
Во повеќе сегменти врската меѓу платените придонеси и висината на пензиското право е ослабена. Оваа појава се јавува во долниот сегмент преку релативно високо поставената минимална пензија, во горниот сегмент преку максималната пензија, а меѓу генерациите преку различниот третман на стажот и на платите според периодот во кој се остварени.
Главниот заклучок е дека сегашниот дизајн создава различни дестимулации: за дел од осигурениците нема јасна корист од плаќање придонеси на повисока основица, кај високо платените осигуреници по достигнувањето на максималната пензија исчезнува дополнителниот пензиски ефект од продолжените уплати, а кај различни генерации можат да се појават значителни разлики иако личните параметри се исти.
Пензискиот систем се соочува со проблем што не е само финансиски туку и институционален и поврзан со довербата на осигурениците. Ако системот продолжи да испраќа порака дека повисоките придонеси не носат соодветно повисоки права, тогаш ќе се зголемуваат стимулите за минимално пријавување, избегнување придонеси и барање алтернативни форми на доход.
Најсоодветен пристап е постепена, добро образложена и транспарентна реформа што ќе ја зачува социјалната функција на пензиите, но ќе ја обнови врската меѓу уплатите и правата. Таа реформа треба да биде насочена кон поправични пресметки, посилна придонесна база, јасно раздвојување на солидарниот и на осигурителниот дел, повисока доверба во вториот столб и долгорочна заштита на идните пензионери.
Што се однесува до исплатите на пензиите, тие се исплаќаат и ќе се исплаќаат редовно и навремено. Тврдењата дека ќе нема редовна исплата на пензиите се неосновани и се во функција на вознемирување на пензионерите и на граѓаните. Придонесите за пензиско се прибираат тековно, трансферите од буџетот се редовни и пензионерите својата пензија ја добиваат секој први во месецот.
- Сега да направиме пресек за тековната состојба во пензискиот систем од гледна точка на Фондот за ПИОМ.
- Што покажуваат податоците за вкупниот број на лица кои уплаќаат придонеси и бројот на пензионери, покриеност на секој пензионер со број на лица кои уплаќаат придонеси, износот на најниска, на просечна и на највисока пензија, групи на пензионери според висината на пензијата, на пример колку лица примаат минимална пензија итн.?
Н. Мемов: Вкупниот број на корисници на пензија, со пресек 30 јуни 2026 година, е 350 671 лице. Најниска пензија во трите групи земаат 97 585 лица и таа изнесува, во зависност од групата и од периодот кога е остварено правото, од 20 888 денари до 23 945 денари. Бројот на вработени лица што уплаќаат придонеси, за истиот пресек (јуни 2026 година), изнесува 571 855 лица, а соодносот на покриеност вработени наспрема пензионери е 1,63.
Да воспоставиме прецизна дијагноза за „долгорочното здравје“ на пензискиот систем во земјава, да ги детектираме можните аномалиии, да видиме дали нешто може да се направи. Ќе го оставиме настрана вториот столб, да видиме што е со првиот столб за кој е задолжен Фондот за ПИОМ.
- Да тргнеме од приходите. Во моментов, колкав дел од вкупните приходи на Фондот доаѓаат од уплатени придонеси за пензии, а колкав од Буџетот на државава? Колкав е и апсолутниот износ што го префрла државава во Фондот за ПИОМ годишно? Дали и како се менуваат овие бројки низ годините?
Н. Мемов: Во буџетот на Фондот се планирани приходи во износ од 150 милијарди 947 милиони денари, од кои од придонеси 85 милијарди 811 милиони денари, што претставува 56,8 проценти од вкупните приходи, а трансферот од буџетот е планиран на 62 милијарди 815 милиони денари, што претставува 41,6 проценти од вкупните приходи.
Тука би сакал да нагласам дека зголемувањето на средствата за трансфери од буџетот се должи на зголемувањето на пензиите, од септември 2024 година до март оваа година изнесуваше 7 000 денари за пензионер на месечно ниво, односно на годишно ниво покачувањето на пензиите изнесува некаде околу 500 милиони евра повеќе во 2026 година споредено со 2024 година.
Утврдивме дека постои структурен проблем во пензискиот систем кој создава нееднаквост, дестимулирање за плаќање на придонесите, како и различен генерациски третман на стажот и на платите во зависност од периодот во кој се остварени.
Анализата за генерациска нееднаквост покажува дека лица со исти клучни параметри − возраст, стаж, просечна плата и без посебни бенефиции − можат да добијат различни пензии само поради периодот во кој бил остварен стажот. (Заменските стапки опаѓаат од 2,35 до 1,46 и ако стажот е остварен порано, можна е сериозна разлика во пресметката на пензијата.)
Суштината на проблемот е дека календарскиот распоред на кариерата добива поголема тежина од вкупниот економски придонес. Таквиот исход ја слабее довербата во системот бидејќи осигурениците очекуваат лица со ист вкупен придонес и ист датум на пензионирање да имаат споредливи пензиски права.
Минималната и максималната пензија генерира намалување на правичноста бидејќи повисоките придонеси не се претвораат во повисоко пензиско право. Второ, се појавува рационален економски мотив дел од доходот да се пријавува на минимална основица, а остатокот да се исплаќа преку други форми.
Од друга страна, кај максималната пензија проблемот е обратен, но суштински сличен: системот поставува горна граница по која дополнителните придонеси не резултираат со повисоко пензиско право.
Демографскиот фактор на индексација покажува дека на еден пензионер има околу 1,6 вработени кои придонесуваат. Овој тренд е важен затоа што пензискиот систем од првиот столб е тековно финансиран: денешните придонеси ги финансираат денешните пензии.
Посебен проблем претставува начинот на кој се врзуваат коефициентите за пресметка, за цела година или за период од шест месеци.
Ако осигуреникот има само еден или два дена прекин на стажот во одредена година, може да се случи да не му се признае годишен коефициент, туку коефициент само за шест месеци, што претставува огромна неправда за тековните осигуреници. Таквото правило создава несразмерен ефект: минимален административен или фактички прекин може да произведе голема последица во пресметката на пензијата.
Преземено од интервју за Економија и бизнис
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата