Брачен пар од Македонија, кој живеел во Белгија е фатен со голема количина златен накит, кој го откриле царинските службеници и кој им бил запленет.
Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречиле обид за криумчарење на 348 грама златен накит, чија проценета вредност изнесува околу 1,3 милиони денари. Случајот бил откриен при влез во државата, за време на детална контрола на патничко возило во кое патувал брачен пар – македонски државјани со живеалиште во Белгија.
Според информациите од Царинската управа, при темелниот преглед на автомобилот, царинските службеници во чантата на сопатничката пронашле 26 парчиња златен накит. Накитот бил одземен, а случајот веднаш бил предаден на надлежните служби за понатамошна постапка.
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднело кривична пријава против жената поради основано сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“, кое е казниво согласно одредбите од Кривичниот законик.
Од Царинската управа информираат дека ова не е изолиран случај. Според нивните податоци, од почетокот на годинава досега се евидентирани вкупно 13 случаи на криумчарење злато, при што биле запленети повеќе од 2,5 килограми златен накит и златни монети.
Надлежните институции посочуваат дека контролите на граничните премини продолжуваат со засилен интензитет, со цел навремено откривање и спречување на обидите за нелегално внесување вредни предмети и друга стока во државата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата