Барањата се едно, но Уставот и меѓународните стандарди се друго. И мораме така и да се однесуваме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски запрашан за коментар во врска со барањата на студенти Албанци за полагање на правосудниот испит на албански јазик.
- Факт е дека законот кој е донесен, а тоа е Законот за примена на јазиците е предизвикан пред Уставниот суд, токму во оној дел „владеењее на право“ и „правосудство“, факт е дека имаме негативно мислење од Венецијанската комисија кое се однесува за двојазичноста во правосудството. Прво, немаме доволно ресурси за да тоа го имплементираме, а второ, не се гарантира владеење на правото односно нееднаквост во владеењето на правото. Затоа тие силно препорачуваат да се вратиме на законот за јазици од 2008-2009-та година. Истовремено факт е и дека студентите кои изучуваат Правен факултет на својот мајчин, во случајов албански јазик, имаат право да го прават тоа и се дел од образовниот систем во Македонија, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека е формирана комисија од уставни експерти која работи да најде решение кое е по устав и меѓународни стандарди.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата