Премиерот Христијан Мицкоски изрази убеденост дека изјавата на унгарскиот премиер Петер Маѓар дека Унгарија не поддржува забрзан процес на пристапување за ниту една земја-кандидат во ЕУ не се однесува на земјите од Западен Балкан, туку на други земји-кандидатки.
- Убеден сум дека колегата Маѓар тоа што го кажал не го мисли за Балканот, бидејќи досега откако е избран за претседател на Владата на нашиот стратешки партнер Унгарија, има неколку десетици изјави во кои вели дека поддршката за Западен Балкан, во кој географски припаѓаме и ние, за пристапување кон Европската Унија е недвосмислена и искрена и таа никогаш не била доведена под знак прашање. Мислам дека се однесува на други земји кандидати за членство во Европската Унија - рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по промоцијата на нови комунални возила за општините.
Петер Маѓар изјавата дека Унгарија не поддржува забрзан процес на пристапување за ниту една земја-кандидатка во Европската Унија, ја дал по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата