Многу поразвиени земји од Македонија се интересираат како успеваме со месеци да одржуваме пониска цена на дизелот, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
– Каде и да одиме, вклучително и вчера во Брисел, каде и да одиме сите прашуваат како успевате да бидете од 30 центи до 50 центи по литар поевтини од нас за дизел горивата и како успевате тоа да го одржите со месеци. Буквално сите прашуваат, многу поразвиени земји од нашата – рече Мицкоски.
Премиерот му одговори на пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, кој ја критикуваше состојбата во економијата.
– Вие можете да се потсмевате, да навредувате, да омаловажувате околу постигнувањата во економијата на оваа Влада, но бројките се немилосрдни и тие бројки се многу подоминантни од било која економија во последните 2 ипол години имајќи го предвид почетокот, односно основата со која што се споредуваме – истакна претседателот на Владата.
Според Мицкоски, реалниот економски раст во 2024 и во 2025 година изнесувал по 3,8%, додека просекот во првата половина од годинава бил 3,7%. Во вториот квартал реалниот раст достигнал 4,3%, со номинален раст помеѓу 7% и 8%.
Осврнувајќи се на бруто-домашниот производ (БДП), премиерот ги спомна проекциите за крајот на мандатот.
– И тоа што беше наша цел да дојдеме до 20 милијарди долари на крајот од мандатот, јас можам да ви кажам дека еве таа цел ја остваривме на крајот од 2025 година. Дојдовме блиску до 20 милијарди долари БДП – нагласи Мицкоски.
За годинава претседателот на Владата очекува номиналниот БДП да достигне помеѓу 21,2 и 21,3 милијарди долари.
– По куповна моќ е над 32 илјади долари по глава на жител, а по номинална е некаде околу 12-12 илјади и нешто. За 2025 зборам, а 2026-та ќе биде повеќе – посочи премиерот.
Мицкоски му одговори на Филипче и со една поговорка.
– Тоа се бројки, а пред бројките велат дека и боговите молчат. Претпоставувам дека тоа ќе ви го објаснат – порача Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата