ТРАГЕДИЈА ВО „МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ“ Прилеп - Работник загина на работно место

Vecer | 26.11.2026

ТРАГЕДИЈА ВО „МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ“ Прилеп - Работник загина на работно место
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Мермерен комбинат АД Прилеп денеска информира дека како последица од тешки повреди здобиени при извршување на работните задачи во текот на ноќната смена, починал нивниот долгогодишен колега и пријател Т.Г. (54).

- Со длабока тага ја известуваме јавноста дека утрово во Општата болница во Прилеп, како последица од тешки повреди здобиени при извршување на работните задачи во текот на ноќната смена, почина нашиот долгогодишен колега и пријател Т.Г. (54). И покрај брзата реакција, негов итен транспорт до прилепската болница и напорите на медицинскиот тим да го спасат неговиот живот, повредите за жал беа фатални - се посочува во соопштението од Мермерен комбинат АД Прилеп. 

Тие информираат дека раководството и сите вработени во Мермерен комбинат се длабоко потресени од оваа трагична загуба и оти во овие исклучително тешки моменти, нивните мисли се со семејството, роднините и најблиските на починатиот колега и упатуваат најискрено и најдлабоко сочувство.

- Компанијата е во постојан контакт со неговото семејство и ќе ја обезбеди сета потребна поддршка и помош во овие болни мигови - посочуваат од Мермерен комбинат АД Прилеп. 

Во соопштението се посочува дека веднаш по несреќата, согласно законските прописи, биле известени сите надлежни институции.

- На местото на настанот се врши увид од страна на овластените органи и се преземаат сите законски предвидени дејствија за целосно расветлување на околностите и утврдување на причините кои доведоа до овој несреќен настан. Мермерен Комбинат целосно и транспарентно соработува со надлежните институции во текот на постапката. Во овие моменти на длабока жалост, замолуваме за разбирање и почит кон приватноста на семејството на нашиот починат колега - се наведува во соопштението од Мермерен Комбинат АД Прилеп.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk