Потенцијалните жртви на семејно насилство ќе можат да воспоставуваат видео повици со МВР и ЦУК, а полициските службеници до средината на 2027 година ќе бидат опремени со т.н. боди камери преку кои директно ќе испраќаат видео сигнали до командните центри. Ова, како што рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се двата нови проекта кои значително ќе придонесат во превенцијата и заштитата.
Тошковски објасни дека секоја жртва, додека дојде полицијата, ќе може со својата видео камера да го оствари повикот и да ја документира фактичката состојба која ќе се користи потоа како доказ во кривичните постапки.
Ова се, оцени, револуционерни промени.
-Најавувам круцијален проект кој гарантирам дека ќе го поткрене нивото на професионалноста на постапувањето од страна на МВР. Секој полициски службеник ќе биде задолжен со боди камера. Боди камерите ќе можат да преведуваат на повеќе од 40 јазици во живо, да испратат видео сигнал до командниот центар и врз основа на вештачка интелигенција да утврдат одредени факти. Последици ќе трпат сите што нема да ги употребуваат боди камерите. Максимум до средината на 2027 година ќе биде имплементиран проектот со камерите на територијата на цела Македонија. Моментно се реализира пилот проект во Велес. Тоа ќе биде револуционерен проект во Македонија, а резултатите, убеден сум, ќе бидат дури подобри од она кое што го даде „безбеден град” – потенцира министерот.
Тој повтори дека за него семејното насилство е едно од најголемите општествени зла, кои како проблем ги има Македонија.
-И тоа не е само сега. Ги има во изминативе десетина години согласно статистиката што ја имам. Станува збор за многу сериозно општествено зло кое мора да има соодветен мултиинституционален одговор, и од државните институции,но и од сите општествени чинители. Кога ќе дојде работата до полиција, обвинителство, суд, а говориме за семејно насилство, мислам дека тука веќе отишла многу далеку работата, таму каде што не треба – истакна Тошковски.
Според анализа на Секторот за внатрешни работи Скопје, бројот на вкупни кривични дела како поднесувани кривични пријави се движи од 281 во 2018 година, 274 во 2020-та, 316 во 2021-ва, 283 во 2024-та, до 280 во 2025-та. Годинава, досега, се 506.
-Оваа бројка е зголемена зашто оваа Влада и овој парламентарен состав на почетокот на оваа година го смени кривичното дело во рамки на кривичниот законик кога имаме семејно насилство со лесна телесна повреда да мора да се гони по службена должност. Ако во 2021 година на територија на цела Македонија кога говориме за семејно насилство сме имале изречено шест притвори, во 2022-ра 15 притвори, во 2026 година заклучно со 25 ноември имаме 102. Значи, видете колку е зголемено институционалното делување кога би говореле само за притвор. Кога би говореле за итни мерки кои биле изречени од страна на судот, во 2021-ва сме имале 15, во 2022-ра сме имале 26, а во 2026 имаме 168 – рече Тошковски.
Разликата, напомена, е во институционалното делување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата