МУЦУНСКИ ЈА ОТВОРИ МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ВИЛНУС: Ново поглавје во односите со Литванија

Vecer | 10.11.2026

МУЦУНСКИ ЈА ОТВОРИ МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА ВО ВИЛНУС: Ново поглавје во односите со Литванија
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во рамки на работната посета на Литванија оствари билатерална средба со литванскиот министер за надворешни работи Кештудис Будрис и официјално ја отвори првата резидентна Амбасада на Македонија во Вилнус.

На средбата со Будрис, како што соопшти МНР, во фокусот биле натамошното унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, евроинтегративната агенда, актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамки на евроатлантското сојузништво.

Посебно внимание е посветено на европската интеграција, надминувањето на пречките и динамизирањето на пристапниот процес.

Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Литванија за стратешката цел на државата – полноправно членство во Европската Унија.

Тој ја реафирмира посветеноста на Владата на спроведувањето на реформската агенда, како и конструктивниот пристап кон изнаоѓање заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано на европските вредности и принципи.

Централен настан во посетата беше официјалното отворање на амбасадата во Вилнус, со што се отвораат нови можности за продлабочување на политичката, економската и институционалната соработка меѓу двете земји.

– Повеќе од три децении нашите две држави градат пријателство засновано на меѓусебна почит, доверба и вредности што ги споделуваме – истакна Муцунски на свеченоста.

Тој упати и посебна благодарност за солидарноста на Литванија по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти биле примени на лекување во Вилнус и во Каунас.

– Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа – истакна Муцунски.

Според него, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Вилнус ќе создаде дополнителни можности за економско, образовно, културно и за технолошко поврзување на двете земји.

– Гледаме можности за продлабочување на економските врски, зголемување на трговијата и инвестициите, за поврзување на нашите студенти, академската заедница и уметниците, како и за заедничка работа во областа на иновациите и дигиталната трансформација – рече Муцунски.

Тој нагласи дека новата амбасада ќе има улога на мост меѓу двете држави, нивните институции, бизнис-заедници и граѓани.

– Оваа амбасада ќе биде мост меѓу Скопје и Вилнус, меѓу нашите институции и бизнис-заедници, и меѓу нашите граѓани. Заедно, нашите две дипломатски мисии ќе создадат посилна основа за дијалог, соработка и нови можности што ќе создаваат конкретни придобивки за граѓаните – истакна шефот на македонската дипломатија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk