Милошоски: ОВАА ВЛАДА НЕ ГО ЗЛОУПОТРЕБИЛА ЕВРОПСКОТО ЗНАМЕНЦЕ, СДС ГО ПРАВЕШЕ ТОА

Vecer | 06.11.2026

Милошоски: ОВАА ВЛАДА НЕ ГО ЗЛОУПОТРЕБИЛА ЕВРОПСКОТО ЗНАМЕНЦЕ, СДС ГО ПРАВЕШЕ ТОА
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во Дневникот на телевизија Алсат, каде говореше за актуелни теми поврзани со Извештајот од Европската комисија, за кој смета дека е реален приказ на состојбите во земјава, и се осврна на пофалбите и слабостите од истиот - стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ што МИА го објавува интегрално.

- По однос на Собранието, ние сме задоволни од проценките на овој Извештај, затоа што, прво, се оценува дека Собранието работи ефикасно. Второ, по однос на Реформската агенда, поминавме многу закони коишто беа предвидени во Реформската агенда и гледаме дека тоа е забележано од страна на ЕК. По однос на законите со европско знаменце, ние ги поминуваме на Комисијата за европски прашања со една нормална динамика и тоа што би сакал да го нагласам, во Извештајот категорично пишува дека владејачкото мнозинство ниту еднаш не го злоупотребило методот на европско знаменце за некој закон, којшто е надвор од европската регулатива да го протне како закон којшто му е важен на владејачкото мнозинство - посочи Милошоски.

За темата околу Изборниот законик тој кажа дека истиот се споменува како важен, бидејќи е дел од Реформската агенда, но како што вели, за жал, не е постигнат консензус.

„Според мене, тешко би било да се постигне консензус, затоа што една од главните опозициони партии, во случајов СДС и претседателот на СДС, Венко Филипче, ја одбија поканата на министерот Шасивари да се вратат во работната група и да водиме дијалог за консензуален закон за избори. Мотивите се политички кај претседателот на СДС Венко Филипче“, рече Милошоски и додаде:

„Доколку не успееме да постигнеме консензус, веројатно ќе останеме со истиот Изборен законик, според којшто се спроведуваат овие претходни парламентарни, локални и претседателски избори“.

Според него, Извештајот на ЕК е реален приказ на состојбите. Тој наброи дел од областите во кои, според тој Извештај се подобрени и за кои има пофалби, како самата Реформска агенда, надворешната политика, безбедносната политика, одбрана и соработката со ЕУ, дигиталната трансформација и повеќе услуги, електронски услуги за граѓаните, реформи во науката, истражувањето и иновациите.

„Има одредени теми каде што има слабости. Една од тие теми е борбата против високата корупција и состојбите во правосудството, бидејќи сè уште имаме низок процент на доверба и можеби послаба продуктивност. Тука би сакал да напоменам една работа. Прво, самиот правосуден систем не е систем на еден актер. Не може правосудството да биде оценувано само преку законите што ги носи Собранието. Тука улога имаат и Владата и Собранието и Јавното обвинителство и судиите. Еден систем на поврзани садови. По однос на Собранието, сметам дека имаме донесено прилично добри закони, коишто ги подобруваат состојбите во правосудството. Владата исто гледам дека вложува напори на тоа поле. Но, би сакал да напоменам дека има некои актери, можеби се поединци во судството, коишто ги рушат овие постигнати стандарди“, вели Милошоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk