logo
logo
logo

НОВИ ЗАБРАНИ И ПОСЕБЕН РЕЖИМ НА ПАТИШТАТА, АМСМ СО ПРЕПОРАКА ЗА ВНИМАТЕЛНО ВОЗЕЊЕ

Vecer | 24.07.2026

НОВИ ЗАБРАНИ И ПОСЕБЕН РЕЖИМ НА ПАТИШТАТА, АМСМ СО ПРЕПОРАКА ЗА ВНИМАТЕЛНО ВОЗЕЊЕ

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, но на одделни делници коловозите се влажни. Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.

Зголемен е интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини. На граничните премини од македонска страна, во моментов нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Посебно внимание се препорачува при движење низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност за појава на одрони. Возачите треба да бидат особено внимателни на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е отворен за сообраќај за сите видови возила со вкупна маса до 3,5 тони.

Летни забрани за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август важи летен режим на сообраќај, со кој се ограничува движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони на државните патишта за време на викендите и при екстремно високи температури.

Забраната важи: петок: од 17:00 до 22:00 часот; сабота: од 09:00 до 18:00 часот и недела: од 09:00 до 22:00 часот.

При екстремно високи температури, определени од Министерството за здравство, забраната од понеделник до четврток ќе важи во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и возила ангажирани за реализација на проекти на државните патишта врз основа на договори со ЈП за Државни патишта.

Посебен режим на А2 кон Охрид

На магистралниот пат А2, на делницата Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември е забрането движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони за време на викендите.

Режимот важи во следните термини: петок: од 15:00 до 22:00 часот; сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и недела: од 07:00 до 22:00 часот.

Посебниот режим е воведен со цел да се намалат сообраќајните застои кон Охрид, да се избегнат поголеми гужви на наплатните станици и да се овозможи побрз проток на возила во текот на летната туристичка сезона.

Од забраната се изземени возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.

На повеќе патни правци во земјава се изведуваат градежни активности и санации, поради што се воспоставени времени режими на сообраќај. АМСМ апелира до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk