Министерството за внатрешни работи истражува дали питачењето на скопските улици е поврзано со организирана криминална група. Министерот Панче Тошковски најави дека доколку сомнежите се потврдат, ќе бидат поднесени кривични пријави против одговорните.
Во гостувањето во поткаст, Тошковски посочи дека службите веќе преземаат мерки. За лицата што го загрозуваат сообраќајот се постапува според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, додека евентуалното организирање на питачењето се проверува одделно.
Според министерот, постојат основани сомнежи за дејствување на организирана група, но нејзиното постоење и улогата на инволвираните треба да се докажат.
Од 1 октомври се спроведува засилена координирана акција на МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади. Покрај утврдувањето евентуална одговорност, акцијата е насочена кон заштита на децата затекнати како питачат.
Според презентираните информации, малолетниците се носат на здравствени прегледи во Детската клиника Козле, по што центрите за социјална работа одлучуваат за нивното сместување.
За згрижување е обезбеден и дел од објектот „25 Мај“ во Општина Бутел, каде досега се сместени две деца. Надлежните тимови продолжуваат со секојдневни контроли на крстосниците во Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата