Во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) синоќа беше отворена изложбата „Револуција во кадар - ВМРО низ фотографии 1893 -1934“, која содржи 60 оригинални фотографии од македонското револуционерно минато - избор од приватната колекција на авторите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски. Значителен дел од историските фотографии досега не биле претставени пред јавноста.
Поставката нуди фотографско патување низ четири децении од македонската историја, почнувајќи од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, па сè до политичките и општествените случувања во меѓувоениот период, заклучно со 1934 година.
Преку оригинални портрети, групни фотографии и ретки визуелни сведоштва, посетителите во наредната седмица, до кога ќе биде поставена изложбата, ќе може да се запознаат со ликовите на македонски револуционери, војводи, комити, интелектуалци, црковни дејци и жени вклучени во револуционерното движење. Покрај познатите личности, изложбата претставува и помалку познати или речиси заборавени учесници во македонската револуционерна историја.
Особена вредност на поставката е што значителен дел од фотографиите досега не биле објавувани, а некои првпат ги откриваат ликовите на личности познати само од пишаните историски извори. Станува збор за оригинални фотографски примероци собирани и истражувани со години, како дел од поширок процес на пронаоѓање и документирање на македонското фотографско наследство.
На отворањето на изложбата „Револуција во кадар - ВМРО низ фотографии 1893 -1934“ присуствуваше и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој објави дека изложбата „го оживува споменот на едно време исполнето со борба, жртва и непокор“ и ни овозможува „да се доближиме до едно од најзначајните поглавја на македонската историја“.
-Историјата не е само спомен од минатото, туку аманет за иднината. Народ што ги памети своите корени, ги почитува своите херои и го чува својот идеал, знае кој е и каде оди. Свои на своето, напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Изложбата во МАНУ е организирана во три тематски целини што ги опфаќаат периодите пред и по Илинденското востание, времето на Балканските војни и Првата светска војна, како и меѓувоениот период до 1934 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата