Во првата половина од годината, односно во периодот јануари-јуни, вкупните приходи во Буџетот се реализирани во износ од 170 (поточно 169,9 милијарди денари што е раст за 8,6% во споредба со истиот период од претходната година и има реализација на планот од над 45%.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето на ребалансот на Буџетот за 2026 година во комисиската расправа во Собранието оцени дека јавните финансии се стабилни, приходната страна се реализира согласно очекувањата, а расходите се насочени кон исполнување на законските обврски и реализација на приоритетните развојни политики.

– Особено е значајно што најголемиот дел од приходите доаѓаат од редовната економска активност. Даночните приходи достигнаа 96,7 милијарди денари, при што приходите од ДДВ изнесуваат 43,3 милијарди денари и учествуваат со околу 44,7% во вкупните даночни приходи. Приходите од данок на личен доход достигнаа 17,5 милијарди денари, приходите од данокот на добивка 13,8 милијарди денари, а по основ на акцизи се реализирани 13,9 милијарди денари – наведе министерката.
Таа појасни дека податоците покажуваат раст на приходите од данокот на личен доход за 11,7%, данокот на добивка за 14,5%, данокот на додадена вредност 16,4% и раст од 8,3% кај увозните давачки бележат раст.
Според министерката ова е директна потврда дека економската активност продолжува, дека компаниите работат, дека платите растат и дека институциите успешно ја реализираат политиката на подобра наплата и намалување на сивата економија.
Социјалните придонеси во првата половина од годината, а како најзначаен извор за финансирање на пензискиот и здравствениот систем, достигнаа 58,8 милијарди денари, што претставува раст за 7,5% во споредба со истиот период минатата година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата