Република Чешка го поддржува членството на Северна Македонија во Европската Унија и е подготвена да направи сè што е потребно за земјава што поскоро да стане членка на Унијата, порача денеска заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
На пленарната средба во Вила „Охрид“ Мацинка нагласи дека членството на Северна Македонија во ЕУ е приоритет за Чешка и дека земјата е подготвена да го сподели сопственото искуство од пристапниот процес.
- Членството на Северна Македонија во Европската Унија е приоритет за Република Чешка. Тоа е во наш заеднички интерес, Европската Унија да се прошири со земјите коишто поминуваат низ пристапните преговори, токму на ваков начин како што тоа го прави вашата земја. Нашиот процес за пристапување не беше едноставен, траеше долго. Ние во текот на тој процес не ги направивме сите работи правилно, па имаме многу искуство коешто можеме да го споделиме, за да не ги повторувате грешките коишто ние ги направивме. Но, низ цело тоа време сакавме да ја промениме нашата земја за да биде членка на Европската Унија. Требаше да имаме некој однатре којшто може да зборува со ист јазик, којшто има ист поглед кон светот како нас, кој ги разбира работите во Европската Унија. Сега ние сме во ситуација кога сме членки на Европската Унија, но го уверувам министерот Муцунски и сите останати претставници на Северна Македонија дека ние сме навистина пријателска земја - нагласи Мацинка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата