Вчера беа регистрирани 143 нови случаи со Ковид-19 од направени 3.101 тестирање. Починале двајца пациенти, а оздравени се 32.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 158.164 бројот на оздравени пациенти е 150.556, на починати е 5.509, а на активни случаи изнесува 2.099.
Досега се детектирани 30-тина случаи со делта варијанта на Ковид-19, која, како што посочуваат од Министерството за здравство, рапидно се шири насекаде во светот и во регионот, па многу веројатно е истото да се случи и кај нас. Затоа, како што апелираат, граѓаните треба да се вакцинираат во што поголем број за да се заштитат себе си, своите семејства, колеги…
Дистрибуција на активни случаи е следна: Скопје 669, Куманово 152, Прилеп 24, Тетово 571, Битола 56, Велес 12, Гостивар 234, Кавадарци 18, Охрид 40, Штип 12, Струмица 63, Струга 36, Кочани 21, Кичево 85, Свети Николе 3, Ресен 4, Крива Паланка 1, Радовиш 12, Берово 11, Дебар 45, Делчево 1, Виница 6, Пробиштип 1, Валандово 8, Македонски Брод 8, Пехчево 5, Македонска Каменица 1, останатите градови немаат активни случаи.
Здравствените власти потенцираат дека делта сојот на СарсКов2 ја прави вакцинацијата уште поважна и оттука мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично.
Владата викендов донесе одлука за нови рестриктивни мерки со цел да се спречи ширењето на новиот делта сој на коронавирусот и забрзано да не се полнат болниците низ земјава. Мерките треба да почнат да се применуваат од 15 август. На угостителските објекти им е оставен простор од осум дена да се реорганизираат, бидејќи сега е период на организирање свадби и веселби со доаѓањето на печалбарите во земјава.
Свадби и прослави по 15-ти август на затворено нема да има, согласно новите мерки. Во сите угостителски објекти, театри, на концерти и одредени културни настани, семинари… ќе може да присуствуваат граѓани, кои што имаат потврда за примена најмалку една доза вакцина.
Според министерот за здравство Венко Филипче овие мерки се предлагаат сосема навремено и оти се најавувале повеќе месеци наназад.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата