Македонската полиција бележи зголемен притисок на државната граница, а во исто време ја проширува соработката со европските безбедносни структури – истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан во Будва. Тошковски побара посилна регионална соработка, побрза размена на информации и електронски докази, како и поголема поддршка од европските институции за развој на полициските капацитети.
Според податоците што ги презентираше Тошковски, во првите десет месеци од 2026 година обидите за нелегален премин на државната граница се зголемиле за 29 проценти во однос на истиот период лани. Откриени биле 23 случаи на криумчарење мигранти, во кои биле опфатени 144 лица, а преземени биле мерки за кривичен прогон против 38 сторители.
Министерот посочи дека Македонија веќе активно учествува во заштитата на европските граници преку заедничките операции со Фронтекс. По јужната и северната граница, во тек се подготовки за проширување на операцијата и на западната граница.
– Македонија не чека да стане членка на Европската Унија за да се однесува одговорно кон европската безбедност. Ние таа одговорност веќе ја преземаме – порача Тошковски.
На форумот тој отвори и прашања поврзани со новите безбедносни закани, особено сајберкриминалот, интернет-измамите и злоупотребата на вештачката интелигенција и криптовалутите за криминални активности.
Како дел од мерките за справување со овие предизвици, го посочи формирањето специјализирано одделение во МВР за истраги за злоупотреби на деца на интернет и истраги од отворени извори.
Тошковски побара посилна регионална соработка, побрза размена на информации и електронски докази, како и поголема поддршка од европските институции за развој на полициските капацитети.
За време на посетата на Будва, министерот оствари и средба со извршната директорка на Агенцијата на ЕУ за азил, Нина Грегори, на која разговарале за унапредување на соработката и усогласување на македонскиот систем за азил со европските стандарди.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата