Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, в петок доаѓа во Скопје како дел од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Фон дер Лајен, како што соопшти нејзиниот кабинет, ќе има средби со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. Ќе се разговара за европската перспектива на земјата и регионот и за процесот на пристапување кон ЕУ. Се очекува да стане збор и за проблемот со Бугарија и за можностите за негово надминување.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, најави дека претстојната посета на претседателката на Европската комисија ќе биде од исклучително значење за земјата, а особено за надминување на предизвиците на европскиот пат.
– Посетата на претседателката Фон дер Лајен е корисна, пред сè, бидејќи праќа порака дека Европската Унија е заинтересирана за регионот. Второ, ќе имаме можност да дискутираме за внатрешните реформски процеси, но и за она што ќе се случува во регионот по завршувањето на овој прв циклус на Планот за раст. И несомнено една од темите ќе биде прашањето поврзано со Бугарија и како да се најде решение за него, истакна Муцунски.
Посетата доаѓа во момент кога македонската дипломатија инсистира на конкретен дијалог и европско посредување со цел деблокирање на интегративните процеси и наоѓање одржлив компромис со јужниот сосед.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата