„Овие платформи ги нарушуваат менталното здравје, достоинството и правата на нашите деца“, напиша тој на својот профил на „Икс“. „Државата не може да го дозволи ова. Неказнувањето на овие гиганти мора да заврши“, нагласи тој.
Претходно овој месец, Санчез објави неколку мерки насочени кон борба против онлајн-злоупотребата и заштита на децата, вклучително и забрана за пристап до социјалните мрежи за лица под 16 години и поведување судски постапки против директорите на социјалните мрежи.
Милијардерот и сопственик на „Икс“, Илон Маск, одговори во тоа време нарекувајќи го „тиранин и предавник на шпанскиот народ“.
Шпанија одлучи да го истражи и ограничи користењето на мрежите откога Австралија стана првата земја во светот што ги забрани социјалните мрежи за лица под 16 години во декември.
Европската комисија, извршното тело на Европската Унија, исто така отвори истрага за „Мета“, „Тик-ток“ и за апликацијата за вештачка интелигенција „Грок“.
И Ирска отвори сопствена истрага за „Грок“ за користење лични податоци што би можеле да се користат за креирање сексуална содржина, вклучително и деца.
Франција го истражува „Икс“ за генерирање сексуални „длабоки лаги“, форма на вештачка интелигенција што создава убедливи, но лажни видеа, фотогарфии или аудиоснимки.
Португалија минатата недела почна со воведување ограничувања за користење на социјалните мрежи за лица под 16 години.
Шпанската министерка за млади и деца, Сира Рего, преку социјалните мрежи нагласи дека левичарската влада на Шпанија презема уште еден чекор во обезбедувањето на правата на децата на социјалните мрежи.
Таа потсети дека во јануари побарале од Државното обвинителство да истражи дали „Икс“ извршил кривични дела детска порнографија и истакна дека „на владина седница го активирале членот 8 од Статутот на Државното обвинителство за истрага на големи платформи“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата