Остатоците од канадскиот пароброд „Корнвалис“, кој бил потопен од германска подморница во декември 1944 година, се пронајдени на длабочина од речиси 120 метри, повеќе од 80 години по неговото потонување, соопшти истражувачкиот тим „Номад експлорејшн“ (Nomad Exploration).
Истражувачите првично ги забележале остатоците користејќи сонар за скенирање на морското дно, а идентитетот бил потврден при последователните нуркачки истражувања.
Студената вода, силните морски струи и оддалечената локација ја отежнале потрагата. „За нашиот тим, откривањето на остатоците е резултат на долгогодишна упорност. За семејствата и заедниците поврзани со бродот, ова откритие повторно го насочува вниманието кон една трагедија која во голема мера беше падната во заборав“, изјави Дени Алан, член на нуркачкиот тим.
Паробродот „Корнвалис“, изграден во 1921 година во Ванкувер, превезувал шеќер и меласа од Барбадос кон канадскиот град Сент Џон, кога на 3 декември 1944 година бил забележан од германската подморница „У-1230“ (U-1230), под команда на Ханс Хилбиг.
Подморницата испалила торпедо кое го погодило прамцето на бродот, по што тој потонал за помалку од десет минути.
Од вкупно 48 луѓе на бродот, шестмина успеале да стигнат до сплавовите за спасување, но едно лице починало од хипотермија.
Петтемина преживеани биле спасени од рибарски бродови, а потоа префрлени на брод на Морнарицата на САД.
Подморницата „U-1230“ ја преживеала војната и била потопена во 1945 година, додека локацијата на потонатиот брод „Корнволис“ останала непозната сè до откритието годинава.
Истражувачкиот тим процени дека потонатиот брод претставува еден вид „временска капсула под морето“, која сведочи за еден од најнеобичните настани од Втората светска војна долж брегот на американската сојузна држава Мејн.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата