Никол Нисефоро забележала дека сметките за струја во нејзиниот стан вртоглаво се зголемиле пред 10 години. Затоа почнала да ја следи својата потрошувачка, надевајќи се дека ќе ги намали трошоците.
Испратила бројни е-пораки
Како што изјавила за Фокс 5 Њујорк, првпат се посомневала дека нешто не е во ред во септември 2016 година, кога побарала од техничар од „Кон Едисон“ да ѝ го провери броилото.
„Потрошив многу време и енергија повикувајќи ги одново и одново. Тоа е фрустрација што е тешко да се опише“, се присетила таа.
Никол рекла дека во следните 10 години „живеела во страв“ од користење на клима уредот, дури и за време на екстремна топлина. Ги исклучувала електрониката и домашните апарати секој пат кога го напуштала станот, обидувајќи се да ја намали сметката.
Испратила бројни е-пораки до „Кон Едисон“, но тие одговориле дека повисоките трошоци се должат на високите летни температури и други надворешни фактори, објавува „Дејли меил“.
Компанијата ја упатила кај управата на зградата, чии претставници го провериле броилото барајќи од неа да ја вклучи микробрановата печка за да видат дали уредот работи.
Бидејќи броилото работело, таа продолжила да ги плаќа сметките, сè до девет години подоцна кога инсистирала на уште една проверка.
Таа не го криела своето негодување
Потоа управителот на зградата конечно открил што се случува - нејзиното броило било поврзано со друг стан, што значело дека таа плаќала за струјата на нејзиниот сосед цела деценија.
Кога го пријавила проблемот кај Кон Едисон, тие ја признале грешката и ѝ ги испратиле корегираните сметки. Разликата била шокантна. Така, за еден месец, ѝ биле наплатени нешто помалку од 180 долари, додека нејзината вистинска сметка била само 41 долар.
Никол не го криела своето негодување за тоа што ѝ се случило. Компанијата на крајот ѝ вратила 6.000 долари, но само за последните шест години, бидејќи внатрешните правила не дозволувале да надоместува за подолг период.
Кон Едисон изјави за Фокс 5 дека „ги цени своите клиенти“ и работи со нив кога сметаат дека нивната потрошувачка на електрична енергија „не се фактурира правилно“.
Додадено е дека електричната опрема е претежно одговорност на сопственикот на зградата.
Се испоставило дека Никол не е единствената њујорчанка на која ѝ се наплаќало премногу.
Други познати случаи
Жителка на Квинс, исто така по име Никол, изјави за „Сити репортер“ во 2024 година дека првпат се посомневала во своите сметки кога отишла на одмор, а износите што морала да ги плати останале исти.
Сепак, вистинската трага дошла една година откако се вселила во станот, кога нејзините соседи биле отсутни. Тогаш забележала дека нејзината потрошувачка на електрична енергија „паднала на нула“.
Техничар од „Кон Едисон“ подоцна дошол во зградата и потврдил дека електричните инсталации се заменети. Компанијата во тоа време изјавила дека ваквите грешки се ретки.
Сличен проблем пријавил и Џејкоб Мнукин, жител на Бруклин, кој му рекол на истиот портал дека „Кон Едисон“ почнал да му наплаќа за електричната енергија што ја користеле неговите станари откако инсталирале соларна опрема.
„Дејли меил“ вели дека побарале коментар од „Кон Едисон“ за случаите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата