Додека Европа поминува низ еден од најсилните топлотни бранови во историјата на мерењата, многу држави воведуваат мерки за да ги заштитат граѓаните и да го растоварат здравствениот систем. Во Париз привремено е забранета консумацијата на алкохол на јавни места откако бројот на срцеви застои за само 24 часа се зголеми за четири пати. Но, зошто алкохолот е толку ризичен за време на големи горештини и што му прави на организмот?
Ладно пиво на сонце не мора да биде проблем, но поголеми количини алкохол, особено жестоки пијалаци, можат да бидат опасни. Алкохолот дејствува како диуретик и го зголемува губењето на течности. На пример, 25 милилитри виски со јачина од 40 отсто содржи околу 10 милилитри алкохол и 15 милилитри вода. Тие 10 милилитри алкохол ќе го поттикнат организмот да изгуби околу 85 милилитри вода.
Што е со пивото?
Кај пивото ефектот е поблаг. Едно пиво од половина литар со 5 отсто алкохол содржи и многу вода, па организмот сепак на крајот задржува околу 260 милилитри течност.

- Едно пиво всушност повеќе ќе ве хидрира отколку воопшто ништо да не испиете - вели професорот Рон Моган од Универзитетот „Сент Ендрус“, кој со години соработувал со Британскиот олимписки сојуз. Но, тој предупредува дека проблемот настанува кога ќе се испијат повеќе пива едноподруго.
Горештината и алкохолот можат сериозно да го оптоварат срцето. При високи температури повеќе се потиме, поради што организмот губи течност, а се намалува и волуменот на крвта. Истовремено, крвните садови блиску до кожата се шират за телото полесно да ја испушта топлината. Алкохолот дополнително го засилува тој ефект бидејќи исто така ги шири крвните садови. Последицата е пад на крвниот притисок, поради што срцето мора да работи значително повеќе за да им обезбеди доволно кислород на мозокот и на другите органи. Ако срцето повеќе не може да ги задоволи потребите на организмот, може да дојде до вртоглавица, колапс, па дури и губење на свеста поради недоволно снабдување на мозокот со кислород.
Драгоцени електролити
Ситуацијата дополнително ја влошува губењето на електролити како натриум, калиум и магнезиум, кои се губат со потењето и дехидрацијата. Нивниот недостиг може да предизвика нарушувања на срцевиот ритам (аритмии). Во најтешките случаи срцето повеќе не добива доволно крв за да работи правилно, што може да доведе до срцев удар.
- Ако има премалку крв, срцето послабо пумпа, а доколку е присутна и аритмија, може да дојде до проблем со снабдувањето на самото срце со крв - објаснува професорот Хелмут Зајц од Универзитетот „Хајделберг“.
Топлотен удар
Консумацијата на алкохол за време на топлотен бран значително го зголемува ризикот од топлотен удар, состојба во која организмот веќе не е во состојба да ја регулира својата телесна температура. Дехидрацијата, заедно со дејството на алкохолот врз мозокот, го отежнува одржувањето на нормалната телесна температура. Освен тоа, алкохолот ја намалува способноста за препознавање на раните симптоми на топлотен удар, како што се неразбирлив говор, главоболка, мачнина или забрзано работење на срцето.
Ако сте здрави, едно пиво не би требало да претставува проблем, но сè повеќе од тоа може да го наруши здравјето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата