logo
logo
logo

AI ИМ ПОМОГНАЛА ДА УКРАДАТ 95 милиони евра

Vecer | 02.10.2026

AI ИМ ПОМОГНАЛА ДА УКРАДАТ 95 милиони евра

Користејќи вештачка интелигенција, измамници се претставиле како високи раководители и успеале да украдат 95 милиони евра од „Фидеурам“ (Fideuram), подружница на најголемата италијанска банка „Интеза Санпаоло“ (Intesa Sanpaolo). Друштвото е специјализирано за приватно банкарство, а информацијата ја потврдија два извора запознаени со случајот, пренесува Ројтерс.

Подоцна биле повратени повеќе од половината од украдените средства, додека околу 36 милиони евра сè уште недостасуваат.

Измамата започнала во февруари, кога тогашниот извршен директор на „Фидеурам“, Паоло Молесини, добил порака на „WhatsApp“ што изгледала како да потекнува од Карло Месина, извршниот директор на „Интеза Санпаоло“. Во пораката се барала итна помош за доверлива трансакција во странство.

Набргу потоа, измамниците му се јавиле на Молесини, а повикот наводно доаѓал од виш партнер во угледна адвокатска канцеларија, кој ги потврдил инструкциите. Според изворите, напаѓачите користеле вештачка интелигенција за да го имитираат гласот на адвокатот.

Убеден во веродостојноста на барањето, Молесини му наложил на одделот за финансии да изврши серија плаќања кон сметки во Кина и Хонг Конг. „Интеза Санпаоло“ и „Фидеурам“ одбија да дадат коментар за случајот.

„Фидеурам“ релативно брзо открил неправилности и ги известил банките и надлежните органи во повеќе земји. Благодарение на соработката меѓу властите на Кина, Португалија и Италија, повратени се околу 53 милиони евра. Трагата по преостанатите пари се изгубила откако средствата биле префрлени преку мрежа на офшор сметки и претворени во криптовалута.

Според изворите, ниту Молесини ниту други раководители на „Фидеурам“ не се под истрага. Обвинителството во Милано покрена постапка против странски државјанин кој живее надвор од Европа, осомничен за компјутерска измама.

Молесини поднесе оставка од функцијата извршен директор во март, наведувајќи лични причини.

Сличен случај се случил и минатата година, кога напаѓачи со помош на вештачка интелигенција го имитирале гласот на еден италијански министер и го убедиле претприемачот Масимо Морати да префрли речиси еден милион евра на офшор сметка. Парите подоцна биле вратени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk