logo
logo
logo

НЕ СЕ САМО УБАВИ, ТУКУ И ЛУКАВИ: Како цветовите го освоија светот

Vecer | 12.07.2026

НЕ СЕ САМО УБАВИ, ТУКУ И ЛУКАВИ: Како цветовите го освоија светот

Сите знаеме дека цветовите се прекрасни, но можеби не сте знаеле колку можат да бидат лукави.

Околу 90 отсто од познатите живи растителни видови создаваат цветови, кои им служат како репродуктивни органи. Внатре во ливчињата се наоѓаат машките репродуктивни органи кои произведуваат микроскопски зрнца наречени полен. Во нив се образуваат машките полови клетки, кои е потребно да се пренесат на женските репродуктивни органи во процес кој се нарекува опрашување.

Растенијата имаат способност за самоопрашување, односно да го пренесат поленот во рамките на истиот цвет.

Меѓутоа, кај повеќето видови поленот се пренесува од еден цвет на друг, со што се зголемува генетската разновидност. Поленот на некои цветови се разнесува со ветер, но многу од нив се потпираат на својот изглед, мирис и други исклучителни прилагодувања за да ги наведат инсектите и ситните животни да го извршат опрашувањето наместо нив.

Природните трикови, од „навлекување“ на пчелите на кофеин до мирис на скапано месо, им овозможија на цветните растенија да се развиваат и да завладеат со светот уште од моментот кога првпат се појавиле пред околу 150 милиони години.

Како цветните растенија го освоија светот

Професор Бил Бејкер, биолог и виш раководител на истражувања во британската Кралска ботаничка градина во Кју, во поширок Лондон, вели за радио-емисијата на BBC Rare Earth дека „постојат околу 350.000 растителни видови кои создаваат цветови“.

„Цветните растенија се вистинска приказна за еволутивен успех“, вели тој. Овие растенија се релативно нови жители на нашата планета.

Пред да се појават тие, „светот беше сосема, сосема поинаков“, вели Сандра Кнап, ботаничарка и директорка на истражувања во Природонаучниот музеј во Обединетото Кралство (ОК).

Пред цветните растенија, со Земјата доминираа бујни шуми, како тропските папрати и древните растенија слични на мов, објаснува таа.

„Цветните растенија го променија светот на безброј начини“.

Некои научници сметаат дека без цветните растенија не би постоеле многу други видови, па дури ни луѓето.

„Ние сме вид што првобитно еволуирал на тревни подрачја, а тревниците се специјализиран вид цветни растенија“, објаснува Дејвид Џорџ Хаскел, писател и вонреден професор по науки за животна средина на Универзитетот Емори во Соединетите Американски Држави (САД).

И не само тоа.

„Пред да еволуираат цветните растенија, немаше пчели, немаше пеперутки, немаше цицачи кои пасат трева“, вели тој.

Хаскел смета дека цветните растенија не се само вешти манипулатори, туку успеале од досадни суштества, да ги претворат инсектите во свои соработници.

„Користејќи ја нивната убавина, бои и мириси, успеале да ја поттикнат еволуцијата на сосема нови групи животни и со тоа суштински да ја променат Земјата“.

Измамници

Некои цветови, како розите, имаат широко отворени ливчиња кои испуштаат силен мирис. Поради тоа привлекуваат голем број различни опрашувачи. Други цветни растенија привлекуваат точно одредени видови инсекти.

На пример, поединечни орхидеи привлекуваат само одредени видови пчели и оси и „често тоа го прават на прилично лукави и измамнички начини“, вели Хаскел. Орхидејата Ophrys insectifera, чиј цвет потсетува на мува, ослободува мирис кој потсетува на феромоните што ги лачат женките на песочните оси кога сакаат да сигнализираат дека се подготвени за парење.

Мажјаците на осите се појавуваат во пролет и мислат дека ливадата е полна со женки, но залудно го трошат времето.

Кога ќе се обидат да се спарат со овие цветови кои ги имитираат нивните женки, на нивниот потилок им се закачува мало пакетче полен, кое потоа го пренесуваат до следниот цвет на оваа орхидеја што ќе ги привлече, и така несакајќи го опрашуваат.

„Значи, ова одлично функционира за орхидејата, но секако, инсектот кој учествува во тоа плаќа прилично висока цена“, вели Хаскел.

Орхидејата Drakaea livida, чиј цвет потсетува на чекан со брадавици и расте само во Австралија, не само што со изгледот потсетува на женка оса од семејството Thynnidae, туку испушта и ист мирис.

Но, тоа не е сè.

Кога мажјакот оса ќе се обиде да се спари со оваа орхидеја, таа користи посебен механизам налик на рачка за да го зграби и силно да го притисне на делот од цветот каде што се наоѓа поленот, а потоа го пушта.

„Веројатно малку запрепастен и зашеметен“, инсектот потоа одлетува и, бидејќи очигледно не извлекол поука, слетува на друга орхидеја на која ѝ го доставува поленот, вели Хаскел. Титанскиот арум (Amorphophallus titanum), познат и како цвет-леш или растение-леш, за привлекување користи сосема поинаков вид мирис.

Ова цветно растение од семејството на козлеци развило мирис кој потсетува на скапано месо за да ги привлече инсектите опрашувачи кои инаку се хранат со угинати животни. Растението може да порасне и до три метри над земјата, а структурата на неговиот цвет всушност ја сочинуваат мноштво ситни поединечни цветови. Цвета само еднаш во неколку години, и тоа само ден или два, бидејќи за тоа му е потребна многу енергија.

Совршено партнерство

Меѓутоа, за инсектите не е сè така црно, бидејќи и тие често имаат корист.

Поединечни цветови, како некои собни растенија и магнолијата, можат да бидат природни распрскувачи на мирис така што се загреваат за поефикасно да го шират својот мирис.

Овој процес е познат како термогенеза – способност на поединечни растенија активно да произведуваат топлина и да ја подигнат температурата на цветовите или листовите над температурата на околината.

„Трошат енергија за да се загреат, понекогаш 10 степени над температурата на околината, а во некои случаи дури и 30 степени“, вели Хаскел.

Но, ова им е корисно и на инсектите, бидејќи многу од нив ги поминуваат студените ноќи во овие топли цветови, па наутро се подготвени веднаш да полетаат во потрага по храна, објаснува тој.

Некои други стратегии на прв поглед можат да изгледаат подмолно, но можат да бидат корисни за инсектите на изненадувачки начини.

Кога ги посетуваат цветовите, инсектите се хранат со сладок нектар, а Хаскел вели дека „многу растенија во нектарот додаваат мали количини кофеин, што им ја подобрува меморијата на пчелите“.

Така пчелите учат да ги поврзуваат тие цветови со награда.

„Но, кофеинот е исто така суптилен облик на контрола на однесувањето, бидејќи ги наведува пчелите да го преценат квалитетот на нектарот, па остануваат верни, да речеме, на цветовите на цитрусите дури и кога во нив повеќе нема многу шеќер или полен“, објаснува тој.

Од друга страна, во нектарот се наоѓаат и хемиски соединенија кои можат да им помогнат на пчелите да се ослободат од паразити и габи кои се развиваат на нивното тело.

„Значи, обезбедувајќи ги овие соединенија во нектарот, цветовите истовремено манипулираат со своите опрашувачи, но во одредени случаи и им помагаат“, вели Хаскел.

Непрестајно прилагодување

Освен што привлекуваат опрашувачи, цветните растенија се многу „попаметни“ отколку што претпоставуваме.

Научниците сметаат дека цветните растенија ги менуваат своите репродуктивни стратегии како одговор на сè помалиот број инсекти поради климатските промени, интензивното земјоделство и употребата на пестициди.

Истражувањата спроведени во Франција покажаа дека полските љубичици, во споредба со оние од пред само неколку децении, „еволуирале така што денес имаат помали цветови кои имаат послаб мирис, за да бидат помалку привлечни за инсектите, а репродуктивните органи им се малку поблиску, што им овозможува полесно самоопрашување“, вели Хаскел.

Кнап вели дека е практично невозможно да се зачува светот на цветовите каков што постои денес, бидејќи тие ќе еволуираат во согласност со промените на нивните живеалишта.

„Цветните растенија се навистина голем вид кој опстојува во копнените екосистеми.

„За милион години, цветовите може да бидат сосема поинакви од овие денес, но сепак ќе бидат цветови“, вели таа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk