Светските дигитални пазари, банки и корпорации би можеле веќе во 2027 година да се соочат со невиден бран разорни сајбер-напади, финансиски уцени и хаоси, предупредува соосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс. Според него, најголемата непосредна опасност не е во тоа што вештачката интелигенција сама по себе ќе излезе од контрола, туку во фактот што криминалците сè побрзо добиваат пристап до напредни AI модели кои се ослободени од какви било сигурносни стеги.
Гостувајќи на Си-Ен-Ен, Гејтс нагласи дека токму сајбер-безбедноста ќе биде арената во која следните месеци најјасно ќе се почувствуваат негативните ефекти од неконтролираниот развој на технологијата.
– Кога злонмерните луѓе ќе ги добијат најновите AI модели без никакви заштитни механизми, тогаш не очекуваат многу непријатни изненадувања, предупреди милијардерот.
Автоматизирани уцени и опасност за берзите
Тој објасни дека сајбер-криминалот одамна функционира по добро разработен модел на закани и изнудување пари за компаниите, но напредните алгоритми сега овозможуваат тоа да се прави со застрашувачка брзина, автоматски лоцирајќи ранливости во илјадници системи одеднаш. Напаѓачите би можеле дури и свесно да предизвикуваат пазарења или поремеќи на берзите за профитни цели.
Иако технолошките гиганти вградуваат сигурносни блокади против злоупотреби, се појавуваат софтверски модели од кои овие ограничувања се намерно отстранети. Токму таа комбинација од софистицирана технологија и криминални намери претставува алармантен ризик.
Државите мора итно да стават катанец на дивиот запад со AI
Гејтс упати и остра критика до технолошките компании, противејќи се на идејата тие самите да ги дефинираат правилата на игра. Тој инсистира дека државните институции, политичарите и безбедносните експерти мора итно да преземат ригорозен надзор.
– Идејата дека за најопасната технологија што човештвото ја создало последен збор имаат само компаниите покажува дека не правиме доволно, порача Гејтс, потсетувајќи дека вештачката интелигенција е далеку поризична од индустриите како авијацијата или фармацијата кои подлежат на строги закони.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата