Користењето мобилен телефон зад воланот може да доведе до сериозни сообраќајни несреќи. Во Германија постои иницијатива употребата на мобилен телефон за време на возење да се казнува со парична казна од најмалку 500 евра.
Германскиот министер за транспорт, Штефен Билгер, се залага за воведување специјализирани камери кои автоматски ги детектираат возачите што користат мобилни телефони, додека Германскиот совет за безбедност во сообраќајот (DVR) предлага значително построги парични казни.
Разговарањето на мобилен телефон, држејќи го до увото за време на возење е забрането во Германија; според експертите, таквото однесување може да биде поопасно од возење со концентрација на алкохол во крвта од 0,8 промили.
Како резултат на тоа, DVR повикува на значително зголемување на казните и го поддржува предлогот на министерот Билгер – член на Христијанско-демократската унија (CDU) – за воведување на таканаречените системи Monocam, кои можат автоматски да препознаат кога возачот држи мобилен телефон.
„Камерите дизајнирани да ја детектираат употребата на мобилни телефони се исклучително вредна инвестиција во безбедноста на патиштата. Ако возачите знаат дека прекршокот може да биде откриен во секој момент, помала е веројатноста дека ќе посегнат по своите телефони додека возат“, изјави претседателот на DVR, Манфред Вирш, во интервју за весниците од Funke Media Group.
Како доказ за ефикасноста на овие камери, Вирш се повика на искуствата од Германија и од други земји.
Во Трир, за време на пробниот период за користење на камерите, бројот на евидентирани случаи на употреба на мобилен телефон при возење се намалил за приближно 70 отсто.
Во австралиската држава Нов Јужен Велс бројот на вакви прекршоци е намален за околу 82 отсто од 2019 година.
Според податоците на Германскиот сојузен завод за статистика, во 2025 година биле забележани повеќе од 1.100 сообраќајни несреќи со повредени лица, каде што како причина била наведена употребата на електронски уреди.
Тој нагласи дека овие бројки се однесуваат на сите електронски уреди, а не исклучиво на мобилните телефони.
DVR смета дека постојните парични казни се прениски. Вирс посочи дека казната за надминување на законски дозволената граница на алкохол во крвта од 0,5 промили изнесува 500 евра.
„Поради ова, се залагаме за значително зголемување на казната за користење телефон при возење – најмалку до тој износ“, изјави тој.
Тој исто така се повика на студија објавена оваа година, според која ризикот од судир предизвикан од одвлекување на вниманието поради паметни телефони, екрани на допир и други дигитални уреди бил поголем отколку при симулирано возење под дејство на алкохол (со концентрација на алкохол во крвта од 0,8 промили).
Според податоците на германскиот автомобилски клуб ADAC, возач фатен како користи мобилен телефон додека вози, се соочува со парична казна од 100 евра и добива еден казнен поен во регистарот во Фленсбург.
Доколку користењето на телефонот ги загрозува другите учесници во сообраќајот, казната се зголемува на 150 евра, а доколку доведе до сообраќајна несреќа, таа се зголемува на 200 евра.
Во такви случаи се изрекуваат и два казнени поена, како и забрана за управување возило во траење од еден месец.
Германскиот совет за безбедност во сообраќајот (DVR) е непрофитно здружение со седиште во Берлин. Тоа обединува повеќе од 200 организации од сферите на политиката, бизнисот, науката и граѓанското општество, кои работат на подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Министерот Билгер претходно изјави дека повеќе од илјада сообраќајни несреќи годишно, предизвикани од користење електронски уреди при возење, се „едноставно премногу“.
Според него, иновативните технологии – како што се специјализираните камери – би овозможиле поконзистентно казнување на прекршителите и значително би ја подобриле безбедноста во сообраќајот. Системите Monocam користат камери со висока резолуција, поставени така што, од повисок агол, ја снимаат внатрешноста на возилото низ ветробранското стакло. Системот го анализира просторот околу возачот и положбата на неговите раце за да утврди дали тој држи мобилен телефон.
Штом ќе бидат исполнети двата критериуми, камерата автоматски прави фотографија.
Потоа, фотографиите ги разгледуваат специјално обучени полициски службеници, кои проценуваат дали навистина е сторен прекршок.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата