Жената е од САД, Квинсленд, чиј идентитет е заштитен во судската одлука, непланирано забременила по природен пат приближно во исто време кога, во рамките на договор за сурогат-мајчинство со друг пар, ѝ бил пренесен ембрион добиен со ин витро оплодување.
Двете деца се родени истиот ден во ноември 2025 година со царски рез. Немало спор околу нивното потекло и родителството – во изминатите месеци за секое од децата се грижеле неговите биолошки родители во одделни домаќинства.
Сепак, ситуацијата барала сложена постапка пред Детскиот суд во Квинсленд, бидејќи законите за сурогат-мајчинство се напишани така што не дозволуваат раздвојување на „браќа и сестри родени при исто породување“ по сурогат-бременост.
Судот на крајот утврдил дека децата се „гестациски близнаци“, но дека во смисла на законот за сурогат-мајчинство не се сметаат за браќа и сестри родени како резултат на иста бременост, со што било овозможено формално да се утврди родителството на биолошките родители на девојчето.
Според судската одлука, двата пара влегле во „алтруистички“ договор за сурогат-мајчинство откако ги поврзале заеднички пријатели.
Едниот пар, во пресудата означен со иницијалите БНЈ и ДРЈ, не можел да добие дете по природен пат бидејќи БНЈ има здравствена состојба поради која е родена без матка.
Тие ги запознале ДЗ и ФЗ, кои веќе имале пет деца. ДЗ се согласила да биде сурогат-мајка, а ембрионот добиен со ин витро оплодување ѝ бил имплантиран во април 2025 година.
Околу две недели подоцна, ултразвучниот преглед покажал дека ДЗ носи два фетуси. Подоцнежните генетски тестирања откриле дека едното дете, девојче, е биолошко дете на БНЈ и ДРЈ, додека другото, момче, е биолошко дете на ДЗ и ФЗ.
Момчето било „зачнато одделно од процесот на имплантација на ембрионот и без медицинска помош“, се наведува во судската одлука.
„ДЗ и ФЗ немале намера во тој момент да зачнат дете, но тоа на никаков начин не значи дека детето не е сакано и посакувано“, се наведува во пресудата.
Претходно годинава, двете семејства ангажирале независен советник што подготвил извештај за судската постапка, неопходен за БНЈ и ДРЈ да бидат утврдени како родители на девојчето.
Во извештајот било наведено дека фактот што децата се родени при исто породување потенцијално има значење и дека нивната поврзаност веројатно ќе има трајно емоционално и развојно значење за двајцата во текот на животот, иако растат во различни домаќинства.
Двете семејства му кажале на советникот дека имаат намера децата да „растат знаејќи едно за друго и со разбирање, соодветно на нивната возраст, за своето место во пошироката семејна мрежа“.
Во пресудата се наведува и дека двете страни покажале заедничко разбирање дека отвореноста и искреноста во врска со потеклото и родителството на девојчето долгорочно ќе бидат во нејзин најдобар интерес.
Судијката Џоди Вулдриџ разгледувала дали Законот за сурогат-мајчинство на Квинсленд спречува донесување одлука за родителството на девојчето.
Според законот, судот не може да донесе одлука за родителство само за едно од децата што се сметаат за „браќа и сестри родени при исто породување“. Ако близнаци се родени како резултат на сурогат-бременост, одлуката за родителството мора да се однесува на двете деца и на истите идни родители. Официјалните правила на Квинсленд потврдуваат дека преносот на родителството кај сурогат-мајчинството се врши со судска одлука.
Вулдриџ пресудила дека, „во единствените околности на овој случај“, момчето и девојчето не се сметаат за брат и сестра родени како резултат на иста бременост во правна смисла и дека законот не го спречува донесувањето на одлуката што ја побарале двата пара родители.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата