Кога зборуваме за големи имиња во автомобилската индустрија, често ги споменуваме „Форд“, „Бенц“ или „Порше“, но едно име неправедно останува во сенка ‒ Дејвид Данбар Бјуик. Иако неговото презиме денес носи позната марка на луксузни автомобили, самиот Бјуик не доживеа финансиски успех и покрај револуционерните иновации што го променија светот засекогаш.
Од кадата до автомобилот
Дејвид Данбар Бјуик е роден на 17 септември 1854 година во шкотскиот град Арброт. Неговото семејство емигрирало во САД кога бил дете, населувајќи се во Детроит ‒ тогашен растечки индустриски центар. Уште како млад човек, тој покажал технички талент и страст кон механиката, што го довело во водоводната индустрија.
Неговиот прв голем изум немал никаква врска со автомобилите ‒ Бјуик развил процес за фузирање на порцелан со леано железо, создавајќи ги модерните емајлирани мијалници и кади што сѐ уште се стандард во бањите денес. Оваа иновација му го донесе првиот голем деловен успех.
Вистинска страст на Бјуик беа моторните возила, па во 1899 година ја основал компанијата „Бјуик ауто-вим енд пауер“ со цел да развива подобри мотори. Нејзината клучна иновација беше комората за согорување контролирана од вентили (мотор со вентили во главата, OHV) ‒ систем што овозможуваше поефикасно согорување на горивото и зголемена моќност на моторот.
Во 1903 година, тој ја основал компанијата „Бјуик мотор“, но наскоро ја изгубил контролата врз неа поради финансиски проблеми. Компанијата ја презеде Вилијам Ц. Дјурант, човекот кој подоцна ќе ја основа „Џенерал моторс“ (GM). Револуционерниот мотор на Бјуик стана основа за развој на автомобилите на GM. Бјуик ја напушти компанијата во 1906 година, продавајќи го својот удел за само 100.000 долари ‒ сума што изгледа занемарлива денес, со оглед на последователниот успех на брендот.
Првиот автомобил што го користеше неговиот OHV мотор беше „Бјуик модел Б“ од 1904 година ‒ со своите 22 коњски сили, тој беше меѓу најнапредните возила од својата ера.
Изгуби сѐ
Откако ја напушти компанијата „Бјуик мотор“, Дејвид Бјуик се обиде со неколку деловни потфати ‒ инвестиции во нафта во Калифорнија и во земјиште во Флорида ‒ но сите претрпеа неуспех.
Сепак, неговите пронајдоци имаа далекусежно влијание. „Џенерал моторс“, изграден врз наследството на Бјуик, одигра клучна улога во Втората светска војна, произведувајќи возила како тенкови и камиони. Моторот OHV, пронајдок на Бјуик, ги подобри перформансите на овие возила, што индиректно им помогна на сојузничките сили да спасат животи на бојното поле.
Бјуик и Порше: Невообичаена врска
Пронајдоците на Бјуик влијаеја врз неколку клучни модели. Првиот „Бјуик модел Б“ од 1904 година, со два примероци произведени таа година, беше само почетокот. Подоцнежните модели, како „Бјуик модел 10“ (1908), станаа вистински хит кај американските купувачи. Но, влијанието на Бјуик се протега и надвор од GM.
Фердинанд Порше, основачот на „Порше“, ги посети САД во 1930-тите години и се запозна со работата на Ханс Ледвинка, чиј модел „Татра Т77“ беше инспириран од концептите на „Бјуик“ со заден мотор и аеродинамика. Порше подоцна примени слични идеи во „Фолксваген буба“ и „Порше 911“, чии задни мотори му должат благодарност на пионерското дело на Бјуик.
Подоцна, OHV системите се користеа и во спортските автомобили низ целиот свет. Иновацијата на Бјуик, која првично се користеше во семејни седани, стана основа за возила со високи перформанси, вклучувајќи и некои модели на „Корвета“.
Дејвид Данбар Бјуик почина на 5 март 1929 година во Детроит од рак на дебелото црево, сиромашен и речиси заборавен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата