Меки, шарени и забавни за играње, „сквиши“ (squishy) и сличните играчки што можат да се стискаат станаа многу популарни меѓу децата. Сепак, нивниот привлечен изглед може да крие ризици, особено за најмалите.
Водните топчиња што се наоѓаат во некои од овие играчки претставуваат посебен проблем. Овие топчиња содржат суперапсорбирачки полимер – материјал што апсорбира големи количества вода и како резултат на тоа значително го зголемува својот волумен. Тоа ги прави особено опасни доколку детето ги голтне.
Проблемот е во тоа што малите деца често ги ставаат играчките и нивните делови во уста. Ако заштитната обвивка на играчката се оштети, топчињата можат да излезат и да навлезат во телото.
Топчето, кое на почетокот е многу мало, може да се зголеми неколкукратно во однос на првобитната големина при контакт со вода. Мало зрно со димензии од само неколку милиметри може да прерасне во сфера со дијаметар од неколку сантиметри, што претставува ризик од блокирање на дишните патишта или опструкција на цревата доколку се голтне.
Токму поради овие ризици, за производите што содржат ситни делови или материјали кои можат да бидат опасни за децата е потребна посебна претпазливост, а одредени видови уште на самата амбалажа се означени како ненаменети за деца под тригодишна возраст.
Проблемот не се само топчињата
Водните топчиња не се единствената причина за загриженост. Некои играчки се повлечени од пазарот во различни земји и поради небезбеден хемиски состав.
Светлана Станишиќ, доктор по физичка хемија, неодамна укажа на овие проблеми. Бензенот, познат канцероген, е меѓу проблематичните супстанции што можат да се најдат во нив. Во некои случаи, тој бил пронајден во надворешната обвивка на производот, што довело до повлекување на играчките од пазарот. Станишиќ нагласи дека присуството на таква супстанција претставува контаминација на производот и дека таа воопшто не би требало да биде дел од предмет наменет за деца.
Посебна загриженост предизвикува фактот што бензенот може да испарува, создавајќи ризик детето да биде изложено на неговите испарувања. Степенот на изложеност зависи од конкретниот производ и од природата на контактот; сепак, како што истакна докторката, таквите производи не треба да се сметаат за безопасни само затоа што се продаваат за деца.
Затоа, експертите ги повикуваат родителите внимателно да ја проверат етикетата на производот пред купувањето – обрнувајќи внимание на препорачаната возрасна група и на тоа дали играчката содржи ситни делови што можат да се одвојат. Посебна претпазливост е потребна кај играчките што децата често ги ставаат во уста, особено со оглед на тоа што вакви спорни играчки неодамна беа повлекувања и од локалните пазари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата