Неверојатна приказна која звучи како филмска авантура пристигнува од италијанските Алпи, каде што по речиси 50 години конечно е извлечено буре со пиво изгубено во длабочините на глечер.
Целата драма започнала пред децении, кога бурето испаднало од транспортна мрежа за време на лет со хеликоптер над Цилерталските Алпи и пропаднало во длабока ледена пукнатина. 42-годишниот планински тркач Даниел Оберлехнер ја слушал оваа легенда од сопственикот на еден планинарски дом и со години трпеливо трагал по изгубеното пиво. Ова лето, благодарение на забрзаното топење на глечерот, тој конечно го здогледал бурето на астрономска височина од 3.000 метри!

Операцијата за спасување била пеколно исцрпувачка: Даниел го влечел бурето тешко дури 40 килограми со рачна количка преку опасниот ледник, а потоа со жичарница го спуштил во долината.

Тој веднаш го однел пронајдокот кај својот шеф, дистрибутерот на пијалаци Лукас Харпф, кој го отворил бурето пред голема група колеги и пријатели. Вкусот ги оставил сите без збор!

„Пивото беше апсолутно беспрекорно! Вкусот, прекрасната килибарна боја, па дури и газираноста беа во совршена состојба!“, открива воодушевениот Харпф по историската дегустација на леденото тиролско злато.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата