Европа сè повеќе се префрла на електричен погон, но податоците откриваат значителни разлики меѓу земјите.
Учеството на електричните возила на батерии (BEV) во продажбата на нови автомобили во Европската Унија минатата година се зголеми на рекордни 17,3 отсто. Со други зборови, приближно едно од секои шест новорегистрирани патнички возила било електрично, пренесува DPA.
Истовремено, хибридните модели од сите видови сочинуваа 42,4 отсто од продажбата на нови автомобили. Возилата што користат исклучиво бензин учествуваа со 27,3 отсто, додека дизел возилата сочинуваа 9,8 отсто, според податоците на Германскиот сојузен завод за статистика, кој се повикува на податоци од Евростат.
Пред една деценија, учеството на новите електрични возила на батерии изнесувало само 0,4 отсто.
Продажбата на електрични автомобили неодамна бележи пораст во Германија и во други земји, поттикната од високите трошоци за гориво, проширената мрежа за полнење, попристапните цени за одредени модели и државните субвенции.
Според податоците на германската агенција за моторни возила, во август во земјата биле продадени и регистрирани 69.000 електрични возила на батерии – што претставува зголемување од речиси 75 отсто во споредба со истиот месец претходната година.
Во европски рамки, учеството на електричните возила на батерии од 19,1 отсто меѓу новите автомобили во Германија минатата година било над просекот на ЕУ, но сепак значително заостанувало зад Данска (67,8 отсто), Холандија (40,2 отсто) и Малта (37,6 отсто). Во ЕУ, најниско учество на овие возила е забележано во Хрватска (1,9%), Словачка (4,7%) и Бугарија (4,9%).
Сепак, европски лидер била Норвешка, со учество од 95 отсто на автомобили што користат исклучиво батериски електричен погон.
Статистичарите ваквите значителни разлики ги припишуваат на разликите во инвестициите во мрежите за полнење и во политиките за субвенционирање.
Како најголем пазар на автомобили во Европа, Германија сепак регистрирала најголем број нови електрични возила на батерии – 545.100, или 28,9 отсто од вкупно 1,89 милиони нови електрични автомобили во ЕУ. Франција се најде на второто место, со 330.900 возила и удел од 17,5 %.
Статистичарите ги класифицираат моторните возила наменети за превоз на луѓе, кои имаат најмногу девет седишта, како патнички автомобили.
Во оваа категорија спаѓаат и возила за посебни намени, како што се кампери и возила на брза помош.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата