Претседателот на OpenAI, Грегори Брокман, сведочеше дека Илон Маск барал целосна контрола врз компанијата, делумно и за да собере 80 милијарди долари потребни за неговиот проект за колонизација на Марс. Според Брокман, Маск уште во 2017 година инсистирал на промена на структурата на OpenAI, тврдејќи дека на непрофитната организација и е премногу тешко да ја прикупи огромната сума пари неопходна за изградба на напредни модели на вештачка интелигенција. Основачот на Тесла и SpaceX јасно ставил до знаење дека сака да стане лидер на организацијата доколку дојде до таа промена, при што Сем Алтман бил единствениот друг можен кандидат за таа позиција. Маск сметал дека заслужува мнозински удел поради своето деловно искуство и отворено најавил дека тие средства планира да ги искористи за изградба на самоодржлив град на Црвената планета.
Од друга страна, Илон Маск моментално ја тужи компанијата чиј соосновач беше, тврдејќи дека таа непрописно станала профитна организација и ги напуштила своите првични добротворни цели. Тој бара отштета од 150 милијарди долари за непрофитниот дел на компанијата и инсистира Алтман и Брокман да бидат отстранети од водечките позиции. Маск тврди дека Алтман го измамил да донира 38 милиони долари на непрофитна основа, за подоцна тие цели да бидат напуштени во корист на лично збогатување. Овој судски процес би можел да ја одреди идната насока на генеративната вештачка интелигенција, која доживеа вистинска експлозија по лансирањето на ChatGPT во 2022 година.
Од OpenAI возвраќаат со тврдење дека Маск е само огорчен бидејќи ја напуштил компанијата пред нејзиниот голем успех и сега сака да ја поврати контролата. Тие исто така наведуваат дека со тужбата тој сака да ја зајакне сопствената конкурентска компанија за вештачка интелигенција, xAI, која сега е дел од SpaceX. Откако OpenAI се реструктуираше во 2019 година за да може да прифаќа надворешни инвестиции, компанијата собра повеќе од 100 милијарди долари за развој и истражување. Овие средства беа клучни за напредокот на фирмата пред нејзината потенцијална иницијална јавна понуда на акции, која се очекува да се случи во текот на оваа година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата