За жителите на малото село Пукапука на Куковите Острови, океанот е живот. Но, на 11 јуни, за искусниот рибар Џуниор Апиута, тој се претвори во безмилосен затвор без ѕидови. По завршувањето на еден обичен натпревар во одбојка со пријателите, Џуниор ја земал својата риболовна опрема и со својот мал чамец испловил во синилото на Пацификот. Не ни насетувал дека тоа е почетокот на осумдневната борба за гол живот.
Сè започна со „кашлањето“ на моторот
Следејќи го јатото птици, сигурен знак дека под површината има риба, Џуниор навлегувал сè подлабоко во океанот додека ветрот почнал да засилува. Тогаш, тишината ја прекинал звукот кој секој рибар го мрази. Моторот почнал да „кашла“. Се гасел, па пак се палел, сè додека ноќта не паднала, а со неа и последната искра живот во машината.
Пред него била сурова дилема: да скокне во темната вода и да плива кон брегот?
„Знаев дека нема да успеам“, се присетува тој.
Останал во чамецот, гледајќи како светлата на неговиот роден остров полека исчезнуваат на хоризонтот. Првата ноќ била мирна. Пеколот дошол дури следниот ден.

Борба со бранови повисоки од чамецот
Времето се запенило. Огромни валови, многу повисоки од неговиот мал чамец, почнале да го удираат од сите страни. Во два наврати, силината на океанот буквално го исфрлила Џуниор од чамецот во ледената вода.
„Не се плашев, бидејќи никогаш не ја изгубив верата и не престанав да се молам“, вели овој храбар човек за „Гардијан“.
Неговата секојдневна рутина станала прашање на секунди: одржување рамнотежа и очајничко исфрлање на водата со една обична канта. Неговите залихи биле мизерни само две шишиња вода, пренослив ладилник, парче чаршаф и неколку сурови риби кои ги улови за да преживее, џвакајќи ги живи. Дождовницата ја собирал во кантата, секоја капка била вредна како злато.
Ноќе, студот бил неподнослив. Се криел под влажниот чаршаф, тресејќи се и молејќи се за спас. Третиот ден, по вечерната молитва, здогледал светла од рибарски брод. Почнал сумануто да весла со сите сили, но струјата и ветрот биле посилни – бродот исчезнал во темнината, оставајќи го во уште поголем очај.
Спасот пристигна од небото
Ос canмиот ден, кога силите веќе го напуштале, небото над Пацификот конечно се разведенило. Од никаде, се слушнал звукот на мотор. Авион на новозеландското воено воздухопловство кружел точно над него, бил забележан!
Набрзо, во негова близина се појавил тајвански рибарски брод. Џуниор со последните сили почнал со сета јачина да свири со свирче, сè додека еден од морнарите не го слушнал и го осветлил со светилка. По 7 пеколни ноќи и 8 долги денови, тој конечно бил на безбедно.
По првиот топол туш и оброк, Џуниор веднаш го земал телефонот за да и се јави на својата сакана партнерка.
„Душо, добро сум“, биле првите зборови кои успеал да ги изусти преку солзи.

По медицинскиот третман во Нов Зеланд, овој титан се подготвува за враќање дома. Океанот не го скрши, но го научи на лекција која сака да ја сподели со сите:
„Никогаш не заборавајте да понесете светилка, елек за спасување и кабаница. И пред да испловите, задолжително помолете се.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата