Кравите што даваат млеко за познатото сирење пармиџано реџано (Parmigiano Reggiano) тешко ги поднесуваат овогодишните летни жештини. Температурите на северот од Италија се искачуваат и над 40 степени, а животните ги поминуваат деновите под вентилатори и прскалки кои непрекинато ги разладуваат.
Италија ја погоди веќе четвртиот голем топлотен бран, а жештината и сушата сè повеќе ги зголемуваат трошоците за производство на ова сирење, чија индустрија вреди околу четири милијарди евра. Земјоделците мораат да трошат повеќе за ладење на добитокот, а недостатокот на вода ја отежнува и производството на храна за кравите.
Помош им даваат регионалните власти, ЕУ и конзорциумот на производители, но земјоделците велат дека добиените пари не се доволни за сè поголемите инвестиции.
Ситуацијата дополнително ја отежнува фактот што производителите на пармиџано реџано не можат едноставно да ги преселат кравите во поладни подрачја. Според правилата на ЕУ за заштитено потекло, кравите, млекото и сирењето мора да останат во точно одредено подрачје во северна Италија, а најмалку 75 проценти од храната за добитокот мора да биде произведена локално.
Топлотен стрес
Кравите можат да почнат да чувствуваат топлотен стрес уште на околу 25 степени, во зависност од влажноста на воздухот, вели Џовани Бонаиуто, ветеринар во Конзорциумот Пармиџано Реџано. Варењето кај кравите создава многу топлина, а тие имаат малку потни жлезди преку кои би можеле да ја оддаваат. „Како кравата во себе да има радијатор“, рече Бонаиуто за ПОЛИТИКО.
Поради жештината кравите помалку јадат, помалку се одмораат и преживаат, па производството на млеко опаѓа. Долготрајната жештина може да влијае и врз плодноста. Бонаиуто вели дека производството на млеко ова лето во просек е намалено за околу 10 проценти, иако многу зависи од опременоста на поединечната фарма.
Федерика Дал’Аљо, која во близина на Парма одгледува 400 грла добиток, вели дека нејзините крави даваат пет до шест килограми млеко помалку дневно, односно околу 20 проценти помалку, и покрај вентилаторите и прскалките. Кравите голем дел од времето го поминуваат токму под нив бидејќи не сакаат да се оддалечуваат од системите за ладење.
Жештината го менува и работниот ден на фармерите. Некои го косат и собираат сеното уште во 3 или 4 часот наутро, бидејќи околу 8 или 9 часот станува премногу топло.
А ладењето на добитокот ги зголемува и сметките за струја. Лука Коти, фармер и претседател на „Колдирети“ во Емилија-Ромања, вели дека за време на екстремните жештини потрошувачката на електрична енергија во шталите може да се удвои или дури утрои, бидејќи системите за ладење работат речиси постојано.
„Пред 20 години се грижевме за зимата, кога се смрзнуваше водата за пиење и другите системи во шталата. Сега инвестираме за да го преживееме летото“, рече Коти.
Екстремните жештини некогаш траеја една недела и беа исклучок. Денес, вели Коти, тие се „нормални“. Оваа година „од јуни ниту за момент не попуштија“.
Константно ладење
Околу половина од фармите што произведуваат млеко за Пармиџано Реџано, а од кои доаѓа околу 70 проценти од вкупната количина млеко, веќе инвестираа во напредни системи за ладење. Тие вклучуваат вентилатори, прскалки кои се активираат со сензори за движење и автоматско следење на температурата. Преостанатите 30 проценти млеко главно доаѓаат од поладните ридски и планински подрачја.
Но, проблем е и водата. Поради високите температури, недостатокот на дожд и многу ниските водостои на големите алпски езера, во сливот на реката По е прогласен висок степен на суша.
Луцерката, која е важна храна за кравите, релативно добро ја поднесува сушата, но семејството Дал’Аљо веќе мора интензивно да наводнува за да обезбеди доволно сено. Кога реките веќе не се доволно високи за наводнување, фармерите мораат да црпат подземни води, што може да ги зголеми трошоците дури и до пет пати поради енергијата потребна за црпење, вели Лоренцо Кателани од здружението „CIA Agricoltori Emilia-Romagna“.
„Колдирети“ затоа бара инвестирањето во залихи на вода да се третира како инфраструктурен проект, а не како итна помош. Коти вели дека регионалните и националните власти мора да градат акумулации и друга инфраструктура за задржување на водата, бидејќи поединечните фарми самите не можат да го решат проблемот со недостатокот на вода.
Парадоксално, производителите на Пармиџано вообичаено повеќе се грижат за преголемото отколку за премалото производство, па оваа година дури се обидуваа да ги намалат количините. „Секогаш имаме кочница“, вели Коти, додавајќи дека високите цени им овозможуваат на фармерите лесно да го зголемат производството кога е потребно.
И покрај сè, нема опасност дека во Италија ќе снема Пармиџано. Силната побарувачка на светскиот пазар им овозможува на производителите поголеми инвестиции отколку на земјоделците во многу други сектори.
Засега инвестициите го одржуваат производството стабилно. Но, помалите производители со стари штали во иднина би можеле да одлучат да ги затворат фармите наместо да вложуваат големи суми во прилагодување кон новите климатски услови.
Засега можат само да чекаат да паднат температурите. „Продолжуваме вака“, вели Коти. „Се надеваме дека ќе заврши што поскоро.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата