Луѓето со векови се обидуваат да ја пронајдат тајната на долговечноста, а денес знаеме многу повеќе за навиките што можат да ни помогнат да живееме подолго – од урамнотежена исхрана и физичка активност до избегнување цигари и други фактори кои го зголемуваат ризикот од болести. Сепак, дури и кога би правеле сè „како што треба“, човечкото тело има свои ограничувања, а научниците се обидоа да одговорат на едно од најстарите прашања: колку всушност може да живее човекот?
Напредокот на медицината веќе драматично го продолжи просечниот животен век во споредба со претходните генерации, но просечните бројки не кажуваат колку далеку може да стигне поединецот. Најпознатиот пример за екстремна долговечност и понатаму е Французинката Жан Калман, која почина во 1997 година на 122 години и 164 дена и чиј животен век го претставува најдолгиот верификуван човечки живот. Но, дури и таа можеби била неколку децении оддалечена од крајната граница што човечкото тело теоретски би можело да ја достигне.
Границата би можела да биде меѓу 120 и 150 години
Научниците се обидоа да утврдат што се случува со организмот во екстремна старост и дали постои момент по кој телото едноставно повеќе нема доволно сила да се опоравува. Во истражувањето објавено во 2021 година беа анализирани податоци за голем број луѓе, а истражувачите го набљудуваа она што го нарекоа динамички индикатор за состојбата на организмот, односно начинот на кој телото се опоравува по различни стресови и промени.
Резултатите укажаа на интересна граница. Како што старееме, на организмот му е потребно сè повеќе време да се врати во рамнотежа, а истражувачите проценија дека некаде меѓу 120-тата и 150-тата година човечкото тело би можело потполно да ја изгуби способноста за заздравување. Со други зборови, дури и кога човекот би успеал да избегне рак, срцеви заболувања, мозочен удар и други потенцијално смртоносни болести, би останал проблемот на самото биолошко стареење. Организмот во одреден момент би можел да ја изгуби способноста да се избори дури и со релативно мал физиолошки стрес.
Тоа не значи дека луѓето рутински ќе живеат 150 години, ниту пак дека науката докажала дека 150-тиот роденден е апсолутна и непробојна граница на човечкиот живот. Станува збор за проценка заснована врз тоа како отпорноста на организмот опаѓа со годините.
Можеме ли еден ден да живееме 200 години?
Токму тука започнува можеби уште поинтересниот дел од приказната. Научниците ширум светот ги истражуваат механизмите на стареење и начините на кои тие би можеле да се забават, а целта повеќе не е само продолжување на животот, туку и зголемување на бројот на години што човекот ги минува здрав и функционален. Се истражуваат различни лекови и терапевтски пристапи кои еден ден би можеле да влијаат врз процесите поврзани со стареењето, но идејата дека луѓето наскоро рутински ќе доживуваат 150 или дури 200 години засега му припаѓа повеќе на доменот на претпоставките отколку на медицинската реалност. Дури и ако идните генерации живеат значително подолго од нас денес, едно прашање останува отворено – можеме ли навистина да ја поместиме биолошката граница на човечкиот организам или само ќе стануваме сè подобри во тоа сè поголем број луѓе да приближиме до границата која отсекогаш била тука?
Засега рекордот на Жан Калман од 122 години останува недостижен за речиси целото човештво, додека можноста за живот од 150 години покажува колку уште малку всушност знаеме за крајните граници на сопственото тело.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата