Поправките на автомобили во Германија, а секако и на сите други емста во Европа, стануваат сè поскапи. Според анализата на Германското здружение за осигурување (GDV), цената на еден час работа во автосервисите во текот на 2025 година се зголемила во просек за 7,5 проценти, што е повеќе од три пати побрзо од растот на општите потрошувачки цени.
Од 2017 до 2025 година, цената на работата во сервисните центри се зголемила за дури 62 проценти, додека потрошувачките цени се зголемиле за 26 проценти во истиот период. Осигурителните компании го оправдуваат зголемувањето на цената на осигурувањето на автомобили со зголемување на трошоците за поправки.
Според Јерг Асмусен, директор на GDV, просечната сообраќајна несреќа денес го чини осигурителот околу 4.600 евра, што е приближно 70 проценти повеќе отколку во 2017 година. Растот на цените на работната сила и резервните делови ги зголемува трошоците за штети побрзо од приходите од премиите за осигурување, пишува HAK Review.
Резервните делови се повеќе од 80 проценти поскапи

Современите технологии со ЛЕД светла, на пример, драстично ги сменија трошоците за замена или поправка на фаровите кои често страдаат во прометот. Нема веќе сијалици на фаровите кои се ефтини и може да ги смени секој мајстор, сега се менува цалиот склоп на ЛЕД фаровите и поправката од 20-50 евра за сијалица се качува на 1.000 евра за поедноставните до 4.000 евра за фар на поскапите возила.
Тркалата на новите модели се поголеми од порано, тоа ја зголемува нивната цена како и цената на гумите. Електрониката зема се поголем дел од автомобилот и доколку се појави дефект на само еден дел во низата најчесто следи скапа промена на голем дел од инсталацијата што бара и многу часови работа, и не се знае кога повторно ќе се случи.
Дополнителен проблем е цената на резервните делови. Во текот на 2025 година, нивната цена порасна во просек за 5,6 проценти, додека нивниот вкупен раст од 2016 година надмина 80 проценти.
Осигурителите дел од одговорноста ја припишуваат на заштитата на индустрискиот дизајн, која им овозможува на производителите на автомобили да ја контролираат продажбата на одредени делови.
Поради ограничената конкуренција, сопствениците честопати немаат можност да изберат поповолни алтернативи од независните производители.
Дали реформата ќе ги намали цените?
Германија планира да ги измени своите прописи за заштита на дизајнот за да се усогласи со европската директива. Целта е да се отвори пазарот на резервни делови за поголема конкуренција, што би можело да ги намали трошоците за поправка на долг рок.
Сепак, засега нема гаранција дека промената на прописите брзо ќе ги намали цените. Возачите продолжуваат да се соочуваат со поскапи услуги и делови, а зголемувањето на трошоците за поправка влијае и на цената на осигурувањето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата