logo
logo
logo

СКРИЕН РИМСКИ ГРАД откри сушата во Швајцарија

Vecer | 30.09.2026

СКРИЕН РИМСКИ ГРАД откри сушата во Швајцарија

Археолозите ги менуваат римските карти на Швајцарија откако се појавија траги од одамна закопани урнатини, додека земјата минуваше низ најжешкото лето откога постојат мерења. Сушата може да открие скриени археолошки наоѓалишта благодарение на исушените траги што настануваат кога вегетацијата над нив ќе овена, што е само еден од ефектите на овогодишните топлински бранови кои исто така открија и олупини од Втората светска војна на дното на реките.

Археолозите во швајцарскиот кантон Во, кои биле известени од љубител на историјата, употребиле беспилотно летало (дрон) за секојдневно да ги снимаат полињата околу Авентикум, некогашниот главен град на римска Хелвеција, основан пред 2.000 години откако Јулиј Цезар ги порази локалните племиња. На тоа место денес се наоѓа гратчето Авенш.

„Ова се најбогатите откритија таму во последните 50 години, барем во последните две генерации археолози“, изјави Јордан Анастасов, археолог од кантонот Во. Снимките разоткрија досега непознати или слабо разјаснети траги од термални бањи, куќи, патишта и можен храм, од кои многу се наоѓаат на подрачја од градот кои никогаш претходно не биле ископувани.

„Нема да посакуваме суши, но ќе ги искористиме“

Градот цветал под римска власт пред постепено да почне да пропаѓа со засилувањето на германските продори од 3 век па натаму. Петочлениот тим археолози ги вцрта новите откритија на картите со виолетова боја, пополнувајќи ги празните простори и исправајќи ги погрешните ознаки. „Сега поставуваме навистина интересни прашања што инаку не би ги поставувале“, рече археологот Иго Аморосо.

Некои од трагите снимени од јуни до август исчезнаа по косењето и со падот на температурите, но работ на новиот базен во бањите и понатаму е видлив на делумно овено голо поле со детелина бидејќи необично топлото време продолжуваше и во септември. Други закопани историски остатоци изронија и на други места во Швајцарија и Европа, но многумина од нив потешко се толкуваат затоа што се изолирани и немаат постојани истражувачи.

Швајцарските археолози ќе ги претстават своите наоди пред колегите и подоцна би можеле да спроведат насочени ископувања. „Нема да посакуваме суши“, изјави Пјер Блан, раководител на ископувањата на тоа наоѓалиште. „Но, ќе го искористиме ова колку што е можно повеќе и ќе продолжиме да трагаме“, додаде тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk