logo
logo
logo

ДАЛИ БРИТАНСКАТА ГАРДА ЌЕ ГО ИСПРАТИ МЕЧКИНОТО КРЗНО ВО ИСТОРИЈАТА?

Vecer | 17.09.2026

ДАЛИ БРИТАНСКАТА ГАРДА ЌЕ ГО ИСПРАТИ МЕЧКИНОТО КРЗНО ВО ИСТОРИЈАТА?

Пратениците од Лабуристичката партија, Либералните демократи и Зелената партија изјавија дека континуираната употреба на мечкино крзно од Канада е „невозможна да се оправда“ и го повикаа Министерството за одбрана да ги запре новите нарачки додека не се најде соодветна синтетичка алтернатива.

Во писмото до британскиот министер за одбрана, Лук Полард, се наведува дека карактеристичните капи треба да се „модернизираат“ за да се усогласат со современите етички стандарди и политиките за благосостојба на животните, објавува „Џи-би њуз“.

Пратениците исто така изразија загриженост за начинот на кој се убиваат мечките за нивното крзно, наведувајќи дека меѓу методите што се користат е и убивањето со самострели.

Капите од мечкино крзно се дел од британската воена традиција повеќе од два века. Тие беа воведени по Битката кај Ватерло во 1815 година, а членовите на Кралската гарда ги носат кога ги обезбедуваат Бакингемската палата и палатата Сент Џејмс во Лондон.

Според податоците добиени од организацијата за заштита на животните ПЕТА, бројот на нарачки за капи од вистинско мечкино крзно се зголемил од 22 во 2024 година на 96 во 2025 година.

Британското Министерство за одбрана изјави дека ја поддржува замената на капите со алтернатива од вештачко крзно, но дека таа мора да исполнува пет утврдени критериуми, вклучувајќи ги и стандардите за квалитет и функционалност.

‒ Министерството за одбрана ја поддржува замената на капите од мечкино крзно со алтернатива од вештачко крзно и поставивме пет тестови што секоја алтернатива мора да ги помине ‒ изјави портпаролот на министерството.

Британската влада и претходно ја разгледуваше можноста за замена на традиционалниот материјал, но досега ниту еден тестиран синтетички материјал ги нема исполнето сите барања што ги задоволува вистинското крзно.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk