Домашниот ѓеврек ќе го направите за кратко време, а ќе биде како од најдобрата пекарница. Послужете го со домашен џем и чај или чаша јогурт. Ако преферирате поконкретни работи, можете да направите и сендвич со намаз како крем сирење или павлака, со додавање на кој било сувомеснат производ.
Кога сакате да го изненадите вашето семејство со топло печиво за појадок, вашиот избор нека биде ѓеврек.
Потребни состојки:
3 јајца
75 г путер
70 г шеќер
250 мл млеко
5 г сол
10 г сув квасец
550 г брашно
Начин на приготвување: Скршете 3 цели јајца во блендер, додадете шеќер, квасец, сол, стопен путер и млеко. Сè добро соединете. Истурете во сад со брашно и замесете мазно тесто. Оставете да отстои еден час. Поделете го тестото на 12 топчиња. Оставете уште 15 минути да се „одмори“. Формирајте ѓеврек, наредете сè во плех. Покријте ги со крпа и оставете ги да одморат уште 20 минути. Премачкајте со една жолчка од јајце и по желба посипете со сусам. Се пече на 180 степени околу 30 минути.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата