ОКТА НУДИ ПОПУСТ, „Компакт Енерго Оил“ без гаранција - две понуди за набавката на 45.000 тони мазут за ТЕЦ Неготино

Vecer | 27.11.2026

ОКТА НУДИ ПОПУСТ, „Компакт Енерго Оил“ без гаранција - две понуди за набавката на 45.000 тони мазут за ТЕЦ Неготино
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Две компании доставиле понуди на денешното отворање на тендерот на АД ЕСМ за набавка на околу 45.000 тони мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, набавка за која државната енергетска компанија првично предвиде околу 42,6 милиони евра со вклучен ДДВ.

Според неофицијалните информации до кои дојде Фактор, понуди доставиле ОКТА и „Компакт Енерго Оил“, но понудата на вториот економски оператор е нецелосна, бидејќи не била доставена бараната гаранција.

ОКТА, пак, понудила цена на мазутот за 0,847 денари по килограм пониска од регулираната цена што ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а дополнително за транспортот до термоелектраната би наплаќала 1,3 денари по килограм.

Останува тендерската комисија на ЕСМ да ги разгледа и оцени доставените понуди, по што ќе биде познато дали ОКТА ќе биде избрана за снабдувач на мазут за термоелектраната.

Двапати беше одложувано отворањето на понудите

Јавниот повик за набавка на масло за горење – мазут М1 беше објавен на 16 ноември, а првично беше предвидено понудите да бидат отворени на 19 ноември. Рокот најпрво беше пролонгиран до 24 ноември, а потоа повторно беше продолжен.

Според првично објавената тендерска документација, ЕСМ за оваа набавка предвиде околу 2,6 милијарди денари, односно 42,6 милиони евра со вклучен ДДВ.

Планирано е во првиот месец да бидат испорачани 20.000 тони мазут, а во вториот дополнителни 25.000 тони, со можност количините да се менуваат во зависност од потребите на државната компанија.

Испораката треба да започне најдоцна 48 часа по добивањето на писмената нарачка, а критериум за избор на најповолна понуда е најниската цена.

Мицкоски најави дека мазутот ќе пристигнува преку Солун

Набавката е дел од планот на Владата за повторно активирање на ТЕЦ Неготино во пресрет на зимската сезона, во услови на високи берзански цени на електричната енергија.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека мазутот за потребите на термоелектраната ќе се обезбедува преку пристаништето во Солун, а се работи и на оспособување на железничката инфраструктура за негов транспорт.

Според последните пресметки што ги изнесе премиерот, со актуелните цени на мазутот производствената цена на електричната енергија во ТЕЦ Неготино би се движела од 170 до 175 евра за мегават-час.

ТЕЦ Неготино располага со инсталиран капацитет од 210 мегавати и претставува ладна резерва на македонскиот електроенергетски систем. Последен пат беше активирана за време на претходната енергетска криза, а во 2024 и 2025 година не произведуваше електрична енергија.

Со изборот на снабдувач на мазут би се создал еден од клучните предуслови за враќање на термоелектраната во производствена функција по повеќегодишна пауза.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk