Петта година по ред „Реплек“ е дел од учесниците и изложувачите на еден од најзначајните светски саеми за фармација - CPHI, кој годинава, од 6 до 8 октомври, се одржува во Милано, со присуство на над 62.000 учесници и 2.900 компании од 166 земји. Компанијата го користи учеството на CPHI за продлабочување на деловната соработка и проширување на партнерствата, како и за претставување на потенцијалите на „Реплек“ пред партнери од различни пазари, со што треба да се создадат нови можности за зголемување на извозот. Проширувањето на меѓународната позиција е дел од стратегијата за долгорочен развој на компанијата.
На годинешниот CPHI Milan 2026, тимот на Реплек остварува средби со постојни и потенцијални партнери од различни пазари, на кои ги претставува производствените капацитети, фармацевтското портфолио и можностите за соработка.

„Нашето петто учество на CPHI покажува дека Реплек континуирано и долгорочно ја гради својата позиција на меѓународниот фармацевтски пазар. За нас, CPHI е место каде што отвораме нови можности за соработка и раст. Имаме јасна амбиција да бидеме присутни на повеќе пазари и преку квалитет, знаење и континуирани инвестиции да ја зголемуваме конкурентноста на Реплек и да создаваме долгорочни можности за производите развиени и произведени во Македонија“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Континуитетот на меѓународните настапи на „Реплек“ се надоврзува на објавениот извештај за продажните резултати на компанијата за деветте месеци од 2026, во кој вкупните приходи од продажба во сегментот Фармација достигнаа 21,9 милиони евра и каде домашниот пазар и сопствените претставништва на странските пазари се издвојуваат како делови со особен придонес во реализацијата.
Имено, во периодот јануари - септември 2026, продажбата во земјава достигна 7,2 милиони евра, што претставува раст од 14% во однос на истиот период од 2025-та. Овие резултати ја потврдуваат довербата што пациентите, здравствените работници и деловните партнери ја имаат во производите на „Реплек“, позитивниот прием на новите производи лансирани во текот на минатата година, како и успешната реализација на комерцијалната стратегија на домашниот пазар. Истовремено, раст бележат и продажбите на пазарите со сопствени претставништва, кои достигнаа 1,3 милиони евра што претставува раст од 56% во однос на истиот период минатата година. Директното присуство на „Реплек“ со свои претставништва на клучните пазари во странство овозможува поблиско следење на потребите на овие пазари и поактивно управување со комерцијалните активности. Вкупниот извоз во првите девет месеци изнесува 14,7 милиони евра. Пониската извозна реализација во однос на истиот период лани е поврзана со поместување на договорените испораки кај дел од партнерската мрежа, во услови на променлива меѓународна пазарна динамика. Во третиот квартал е забележано постепено стабилизирање на динамиката на извозните продажби. Договорните обврски остануваат во сила, а компанијата е фокусирана на нивната реализација, со претпазливи очекувања за темпото на испораките.

Паралелно со активностите за развој на пазарите, „Реплек“ планира лансирање на четири нови производи до крајот на 2026-та и продолжува со инвестицијата во новиот погон за полуцврсти и течни фармацевтски форми. Неговото ставање во употреба се очекува во втората половина од 2027, со што ќе се зголемат производствените капацитети и ќе се создадат дополнителни можности за проширување на портфолиото. Овие вложувања, заедно со развојот на партнерствата и сопствените претставништва, се насочени кон поголема отпорност на промените на одделните пазари, долгорочен одржлив раст и создавање дополнителна вредност за своите акционери, вработени, партнери и пациенти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата