logo
logo
logo

Чарли Чаплин

Зошто Чарли Чаплин бил несреќен, и суров кон жените

Vecer | 21.12.2020

Зошто Чарли Чаплин бил несреќен, и суров кон жените

Чарли Чаплин (Charles Spencer Chaplin) е лик кој по својата слава и општопознатост и препознатливост е рамен на ликовите на Ајнштајн, Че Гевара, Стив Џобс, Наполеон, Мерлин Монро… Филмската индустрија на немиот филм, а и потоа, од него направи култ и метафора за која не се размислува, не се анализира… таа се препознава, предизвикува позитивни емоции, и создава расположение. Хемија која е создадена во лабораториите на Холивуд.

Јунакот од улиците, скитникот, малиот весел човек со лондонски шешир и бастум, лик што сите го сакаат – е моделот со кој Чаплин и Холивуд создадоа прв голем филмски мит. Тоа е првиот мит од филмот наменет за универзална употреба. Не е убава секс бомба, или латински заводник… кои им се привлечни само за некои. Не е ниту суперхерој со кој се идентификуваат младите, немоќните и гледачите кои го гледаат светот од инфериорна позиција. Не е ни амрриканска ѕвезда која ја шири американската култура и политика преку филмот… и колку има обожаватели, толку има и отпор кај публиката која им дава предност на сопствените вредности над американските.

Не е ништо од тоа што е клише за денешните филмски ѕвезди и митови.

Тој е без етнички и национални обележја. Без професија, без сила поголема од другите, или ум кој царува над останатите. Не и ниту убав заводник. Тој е Чарли Чаплин.

Метафора на добрината, осаменоста, пријателството, љубовта и оптимизмот.

Во приватниот живот Чарли Чаплин е сопствен опозит. Се е поинаку.

Во 2013 година Питер Екројд, биограф на многу филмски ѕвезди, открива дека Чарли Чаплин бил мрачен гениј. Постапувал сурово со жените. Во својот живот имал над 2.000 љубовници, од кои повеќето биле млади, малолетни девојки.

Во животот, приватниот живот на Чарли Чаплин, се е мистерија. Иако се спомнува дека е роден во Лондон, на 16 април 1889 година, никогаш не е најдена потврда за денот и местото на неговото раѓање, ниту пак раѓањето му се спомнува барем во црковните книги. Тој пораснал во јужен Лондон, во бездомничка средина. Живееле, со својата мајка Хана и со братот Сидни, често на улица или домови за бездомници, без постојана адреса бидејќи неговата мајка не успевала да ги плаќа кириите. Опишувајќи го ова време Чаплин вели дека најмногу се сеќава на тоа што постојано се селеле, и затоа постојано морале да ги носат своите постели и облеката од едно на друго место. Но, имало и поинакви времиња, кога неговата мајка била во врска со човек кој бил ѕвезда во лондонскиот вариете театар, тогаш живееле во убава куќа, со слугинка и шетале во коњска кочија.

Но, за некои моменти од своето детство тој има убави сеќавања. Кога шетале низ Лондон, во пролет, му останале впечатливи миризбите на јоргованите и цвеќињата што ги продавале девојките на мостот Вестминстер. Овој мотив на среќа, цеќињата и нежниот однос кон нив, Чарли Чаплин ќе го употреби многу пати во своите филмови кога искажува силни емоции – среќа, или страдање по невозвратена љубов.

Во 1893 година, кога имал неполни пет години, семјството повторно западнало во беда. Мајката работела како шивачка, но тоа не било доволно за живот. Се хранеле така што краделе од блиските пазари, или од бакшишот кој малиот Чарли го добивал танцувајќи за гостите по лондонските пабови. Живееле во поткровја или во прифатилишта. Кога имал девет години Чарли бил танчер во групата Ланкестер, препознатливи по настапите во бели ленени кошули. Но, ни тоа не траело долго.

Мајката Хана се разболува, во 1903 година е пренесена во болница со дијагноза која е опишана како лудило, што од темел го потресло Чарли Чаплин, момче адолесцент. Траумата и драматичноста на тој настан е уште поголема бидејќи соседите побарале синот Чарли да ја носи мајкаси во болница. Синовите одат во лондонскиот дом, прифатилиште Ханвел. Овој период Чарли Чаплин го смета за најтежок во своето детство, а времето минато во домот – за затвор.

Англиските домови за сиромашни деца без родители, прифатилиштата, се едни од најстрогите, и најсуровите во тоа време. Чарлс Дикенс таа атмосфера ја има опишано во своето ремек-дело Оливер Твист, објавено во 1837 година. Заради заштита од болести децата ги шишале до кожа, биле често и тешко тепани и за најмала грешка или непослушност. Живееле во скромна заедница, во средина на груби, насилни и мачни односи.

– Тогаш станав нескршлив, неповредлив, вели Чарли Чаплин. Знаев дека секоја тешкотија на крајот поминува, и дека секогаш може да се најде сила денот да се почне одново. Овој став и надежен поглед напред е основен карактер на неговиот филмски лик, потоа.

Прифатилиштето побарало грижа за децата да преземе таткото, Чарли Чаплин Сениор, кој ја напуштил неговата мајка Хана набргу по раѓањето на синот. Но, немало корист од таа намера. Некогаш таткото бил актер во музички театарски претстави но, кога славата почнала да му опаѓа – се свртел кон алкохолот по што, освен семејството, ја загубил и кариерата. Умрел како болен алкохоличар.

Мајката Хана починала во 1928 година, во Калифорнија, седум години откако по покана од синот пристигнала во САД.

Чарли Чаплин долго живеел во страв дека сиромаштијата, притисокот и неизвесноста и него ќе го однесат во лудило. Но, животот за него планирал поинаку. Својот прв актерски настап го има наскоро, на само 14 години го игра Били во претставата заШерлок Холмс. Со театарската група Фред Карно, во 1910 година, оди на турнеја во Америка. Во 1914 за прв пат ќе се појави на филм, во ликот на Скитник, снимен во студиото Кејстон во Калифорнија. Се понатаму, е филмска историја, и легенда.

Кога во 1919 година го основа студиото Јунајтед артист, тој е веќе славен лик на немиот филм, а партнери му се ѕвездите Мери Пикфорд, Даглас Фернбанкс, Д.В. Грифит… следат ремек делата: Циркус (1928), Светлините на велеградот (1931), Модерни времиња (1936), Големиот диктатор (1940)… се до последниот негов филм Грофицата од Хонг Конг (1967).

Дури и во триесеттите, кога почнува доминација на звучните филмови Чарли Чаплин решава да остане на своето поле, правејќи неми филмови, полни со пантомима, симболика и движења кои треба да ги надоместат зборовите, и да бидат подобри од тоа.

По добивањето Оскар, во 1972 година, тој подлегнува на болеста. Тешко се движи и малку комуницира. Се сели во Вевеј, Швајцарија, каде што умира на Божиќ во 1977 година. Култот, митот за Чарли Чаплин не запрел со тој ден. По погребот, неговото тело од гробот го украле група бугарски и полски механичари, и барале пари за да го вратат. Парите не ги добиле, а телото е пронајдено по 11 недели, во близина на Женевското езеро. По ова, Чарли Чаплин е повторно погребан, под бетонска плоча висока два метри, за да се спречи нова кражба.

Во својот живот тој бил актер, музичар, режисер, сценарист, менаџер… левичар кој е осомничен за симпатизер на комунистите, заради што антикомунистичката комисија на сенаторот МакКартни, и власта на долгогодишниот шеф на ФБИ Едгард Хувер, решаваат во 1952 година да му ја одземат дозволата за престој, и да го протераат од Америка. Така и ќе биде. Чарли Чаплин се сели во Швајцарија, а во САД се враќа во 1972 година да прими награда на Американската филмска Академија – Оскар. Во 1975 година кралицата Елизабета Втора го прогласила за витез, по што се стекнал со титулата Сер.

Во личниот живот се грижел за себе, не пиел, не пушел и обрнувал внимание на своето здравје. Жените биле негова опсесија. Имал околу 2.000 љубовни врски со жени, претежно многу помлади од него. Се женел четири пати, и има десет деца.

Биографот Акројд пишува дека Чарли Чаплин воопшто не сметал дека е потребно да им се додворува, или да ги гради однос на привлечност кон жените. Тој едноставно, ги земал за рака, или ги влечел со неговиот филмски познат бастум кон себе… и наложувал однос. А и подоцна, тој однос кон нив бил груб и без неопходни емоции. Особена слабост му биле млади, малолетни девојки.

Прв пат се оженил во 1918 година, кога имал речиси триесет години, со тогаш 16-годишната Милдред Харис. По две години се разведуваат на нејзино барање, заради наметливост, грубост и нехуман однос кон неа како жена.

По овој брак, тој влегува во врска со 15-годишната Лита Греј која набргу останува бремена, и тие влегуваат во неговиот втор брак. Но, и тоа не траело долго. Таа, по разводот, наведува дека бил опседнат со секс и љубомора која не се поднесувала. Лита Греј била бргу заменета со актерката Џорџија Хал.

Следат врски, односи, бракови со многу жени кои ги среќавал пред се во својата работа. Имал серија нереализирани веридби, и скандалозни разделби како со актерката Пола Негри, така и неговата улога на љубовник на актерката Мерион Дејвис која била во брак со милионерот Вилијам Херст..Меј Ривс му била секретарка на неговите патувања, и имал врска со неа во исто време додека таа имала такви релации и со неговиот брат Сидни, кога аферата е откриена, таа дава отказ и ги напушта двајцата.

Полет Жилијет Годард живеела со Чарли Чаплин од 1932 до 1940 година, а тој од неа направил голема актерка која играла во неговите ремек дела Модерни времиња и Големиот диктатор. Се венчале во 1936, а развеле во 1942 година.

За да се разбере негивиот однос кон жените, вреди да се спомне и неговиот брак со Уна О’Нил, ќерка на драмскиот писател Јуџин О’Нил. Кога се венчале во 1943 година Чаплин имал 54, а таа само 18 години. Нејзиниот славен татко, по ова, ги прекинал сите врски и комуникации со својата ќерка до крајот на неговиот живот. Оваа врска траела долго. Со Уна имал осум деца, три сина и пет ќерки меѓу кои и актерката Џералдина Чаплин.

Тоа е последната жена со која живеел, и која го надживеала за 14 години откако тој починал на возраст од 88 години. Животот без Чарли Чаплин за Уна бил тешко прифатлив. По неговата смрт станала алкохоличар, депресивна и отуѓена. Починала од заболен панкреас, како последица на алкохолизмот.

(Д.П. Латас)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk