По години поминати на врвот на листата на најзадолжени земји во Европската Унија, Грција е на чекор да ја препушти оваа неславна позиција на Италија. Подобрите од очекуваното буџетски резултати ѝ отвораат простор на Атина за забрзана отплата на државниот долг, при што до крајот на годинава се разгледува предвремено враќање на речиси 13 милијарди евра, значително повеќе од првично планираните девет милијарди.
Со ваквото темпо, долгот на Грција на крајот на 2026 година ќе се сведе на 137 отсто од бруто-домашниот производ, наместо претходно проценетите 138,2 отсто. Иако станува збор за мала разлика, тоа значи дека по долги години земјата повеќе нема да го носи епитетот на најзадолжена членка во Европската Унија, препуштајќи ѝ го тоа место на Италија.
Грчката влада сака просторот создаден од подобрата фискална состојба да го искористи за помош на најранливите граѓани, самовработените и малите бизниси, преку директна финансиска поддршка или даночни олеснувања. Сепак, пречка за тоа се строгите буџетски правила на ЕУ за ограничување на растот на јавната потрошувачка, особено што Грција помина низ строг надзор за време и по завршувањето на тешката финансиска криза.
Главен фактор за остварениот суфицит е растот на даночните приходи. Без да се сметаат приходите од новиот договор за управување со автопатот Егнација и концесијата за казиното во Елинико, даночните приходи во првите седум месеци изнесуваат 42,47 милијарди евра, што е за 1,11 милијарди евра или 2,7 отсто над предвидениот план.
Земајќи предвид дека голем дел од буџетските расходи се реализираат кон крајот на годината, Агенцијата за управување со јавниот долг очекува конечниот примарен суфицит да достигне четири отсто од БДП, наспроти првично планираните 3,2 отсто.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата